
Во момент кога Европа се соочува со климатски притисоци, растечки трошоци за земјоделие и глобална конкуренција, една од најконтроверзните теми, генетски модифицираната храна, повторно излегува во преден план. По години блокади и остри политички линии, ЕУ реши да се доближи до решение што може првпат да донесе генетски уредени растенија на полиците во супермаркетите. Технолошкиот напредок што го предводи CRISPR-Cas9 го менува односот кон земјоделските култури, а европските институции, по долги спорења, се обидуваат да одлучат како да изгледа рамката што ќе ја регулира оваа нова генерација на геномски техники.
Парламентот и Советот со месеци ги усогласуваат позициите околу предложеното олабавување на правилата за растенијата добиени преку таканаречени нови геномски техники, кои доколку измените на ДНК се минимални се третираат како еквивалентни на природните или традиционално одгледуваните сорти. Но, темпото кон договор очигледно носи политичка цена, бидејќи дел од најстрогите барања на европратениците постепено се повлекуваат од масата.
Главната преговарачка, шведската европратеничка Џесика Полфјард, е подготвена да се откаже од клучни црвени линии што Парламентот ги постави во почетните фази, меѓу кои и инсистирањето на забрана за патенти, тема што ја отвора дилемата за тоа колку семенските компании би можеле да стекнат монопол врз новите сорти и како би се заштитиле земјоделците. Дел од европратениците, особено од редовите на Зелените и од групата на социјалистите, остро реагираат на попуштањето, предупредувајќи дека патентите и недостатокот на јасни правила за следливост можат да ја нарушат транспарентноста и правичноста на пазарот. Но, политичките линии не се јасно поделени ниту лево–десно ниту меѓу државите: шпанските и дел од централноисточноевропските претставници поддржуваат пофлексибилен пристап, додека германските, француските и некои источни земји остануваат скептични.
Сепак, по интензивни преговори, ЕУ во средата доцна вечерта објави дека постигнала привремен договор. За првпат се создава правна рамка за растенија произведени со нови геномски техники – култури кај кои со генетско уредување се додава, отстранува или менува мал сегмент од ДНК, без внесување на генетски материјал од друг организам. Токму ова ги разликува NGT-растенијата од класичните ГМО технологии. Според постигнатиот договор, растенијата што спаѓаат во категоријата со минимални генетски измени ќе можат полесно да стигнат до пазарот, бидејќи се сметаат за речиси идентични со природните сорти.
Приврзаниците на технологијата од земјоделските синдикати ја гледаат како можност Европа да развива култури поотпорни на климатски шокови, со помала потреба од хемиски третмани, ѓубрива или вода. Но, договорот поставува и ограничувања: растенија создадени со NGT кои би биле резистентни на хербициди или би произведувале инсектицидни токсини нема да може да се пласираат. Tие остануваат надвор од дерегулацијата. Во органското производство NGT не се дозволени, а земјоделците кои купуваат семе ќе добиваат јасна ознака дека станува збор за NGT категорија 1, иако такво означување нема да постои на финалните прехранбени производи, што е точка на жестока критика од еколошките организации.
Една од најспорните теми – следливоста на NGT и патентите – останува нерешена во мерка што ги разочарува противниците на дерегулацијата. Еколошките движења и дел од европратениците предупредуваат дека со тоа се отвора простор за намалена транспарентност и дека потрошувачите нема да имаат целосна информација за тоа што купуваат. Но, за поддржувачите договорот претставува неопходен чекор за конкурентноста на европскиот агросектор во однос на земји како САД и Кина, кои веќе широко ги користат новите геномски техники.
Привремениот договор сега треба формално да го потврдат Европскиот парламент и земјите-членки пред новите правила да стапат во сила. Доколку се финализира, Европа ќе влезе во сосема нова фаза на регулирање на генетското уредување во земјоделието – тема која и понатаму ќе ги поларизира политичарите, научниците и јавноста.
Аналитика








