Обичната акција на Стопанска банка АД Скопје има пазарна вредност меѓу 1.096 и 1.407 денари, а приоритетната – од 395 до 586 денари. Датумот на процена е 30 септември 2022 година, а зад потврдената пазарна вредност на акциите стои реномираното меѓународно консталтинг друштво „Ернст и Јанг“.
Притоа, соодносот за размена е меѓу 0,28044 и 0,53435 обични за една приоритетна акција, со централна вредност од 0,40739. Оваа процена не е обврзувачка, односно повеќе е советодавна.
Кон процената е пристапено по барање на Стопанска банка, со цел да се утврди соодносотб за размена меѓу обичните и приоритетните акции. До крајниот резултат е дојдено врз основа на важечките меѓународни стандарди, методологијата за процена на вредноста на капиталот на трговски друштва, јавни претпријатија и други правни лица усвоена од Министерството за економија (СВ 178/2011) и методологијата за процена на вредноста на побарувањата и обврските усвоена од Mинистерството за финансии (СВ 182/2011), се наведува во извештајот.
Понатаму се објаснува дека вредноста на двата вида акции е проценета со примена на пазарниот пристап (метод за упатство на јавно тргувани компании, метод на споредливи трансакции, директна референца на цената на акциите), приходниот пристап (метод на дисконтирани дивиденди) и пристапот на нето средства (книговодствена вредност).
„При процената на вредноста на обични и приоритетни акции ја применивме дефиницијата за пазарна вредност, како што е утврдена во меѓународните стандарди за процена: „проценет износ по кој средствата или обврските треба да се разменат на датумот на процена меѓу заинтересиран купувач и заинтересиран продавач во трансакција, по принципот на дофат на рака меѓу независни страни, по соодветен маркетинг и каде што страните дејствувале свесно, совесно и без присила“, пишува во извештајот од „Ернст и Јанг“.
Инаку, Стопанска банка го ангажирала ова консалтинг друштво по донесениот заклучок на минатогодишното Годишно собрание – да се утврди соодносот меѓу двата вида акции за потребите на можна конверзија, а со цел објективно и целосно информирање на инвеститорската јавност и на заинтересираните страни.
Добиениот извештај го минал увидот пред Надзорниот одбор, а заклучокот е -иако проценката е од советодавна природа и не е обврзувачка, сепак се заснова на конкретни факти и податоци, бидејќи е изготвена согласно стручни знаења, најдобри практики и искуства. Затоа, претставува добра основа за продолжување на активностите и комуникацијата помеѓу акционерите за можна конверзија на приоритетните во обични акции, посочуваат од Банката.
Од таму информираат дека заклучокот од „Ернст и Јанг“ е достапен на официјалната веб-страница на Стопанска банка. Акционерите, пак, содржината на извештајот можат да ја прочитаат во просториите на Банката, со претходна најава на телефонскиот број 02/3295-591. Всушност, се повикуваат акционерите и заинтересираната јавност да ја разгледаат и земат предвид проценката на вредноста на акциите и да достават свои предлози за конверзија, за кои потоа ќе дискутира Надзорниот одбор. Исто така, мислењата ќе се земат предвид при подготовка на дневниот ред за годишното Собрание на акционери.