Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција во првите шест месеци од годинава инвестирал 30 милиони евра во дигитална трансформација и модернизација на дистрибутивната мрежа.
Инвестициите опфатија проекти на високонапонско, среднонапонско и нисконапонско ниво, насочени кон развој на мрежата и намалување на загубите. Со вложувањата, компанијата обезбедува техничка подготвеност, побрзо и поефикасно приклучување на нови корисници, како и поквалитетна услуга за постојните.
Од Електродистрибуција посочуваат дека континуираните инвестиции го зголемуваат нивото на ефикасност на системот и придонесуваат за намалување на техничките загуби.
Модернизацијата на дистрибутивната мрежа, според компанијата, има клучно значење за сигурно снабдување на потрошувачите и претставува темел за идниот економски развој на земјата.