Полицијата во областа Инчеон во вторникот соопшти дека истражува што ја предизвикало мистериозната експлозија на електричен автомобил во катна гаража во јужнокорејскиот главен град Сеул. Во експлозијата немало жртви освен што 20 жители побарале медицинска помош поради вдишување чад, но пожарот изгорел 40 возила во близина и нанесол релативно мала штета на уште 100.
Инцидентот ја потресе јужнокорејската јавност во време кога растот на продажбата на електрични возила – на глобално ниво – забавува. Иако пожарите на автомобилите со мотори со согорување се многу почести, негативното расположение кон ЕВ возилата и ризикот од пожар што може да го претставуваат нивните батерии, додаваат на некои од другите причини што потрошувачите избегнуваат да купуваат електричен автомобил, вклучително и повисоките трошоци и недостатокот на сигурна инфраструктура за полнење.
Неколку деловни згради во Сеул сега забранија влез и паркирање на ЕВ, според известувањата на социјалните мрежи, додека некои комитети за управување со станови ги советуваат сопствениците на електрични возила да бидат внимателни кога ги полнат своите автомобили.
Станбен комплекс во Анјанг, провинцијата Ѓеонгги неодамна закачи транспарент на кој пишува дека на возилата е забрането да се паркираат под земја, во мерка одлучена на состанок на жителите што се одржа откако во четвртокот спонтано се запали паркиран седан на Мерцедес-Бенц. Друг комплекс во Еунпјеонг-гу, Сеул, одлучи да ја премести станицата за полнење ЕВ од подрумските нивоа на приземјето и засега да не доделува дополнителни места за паркирање на електричните автомобили, пишува Саут Чајна Морнинг Пост.
Официјални лица од полиција соопштија дека Мерцедесот кој ја предизвикал експлозијата стоел на самото место 59 часа без да биде поврзан на полначот, а снимките од надзорните камери не покажале никакви надворешни фактори кои можеби го предизвикале пожарот.
Бидејќи точната причина за пожарот сè уште не е позната, загриженоста во врска со безбедноста на електричните автомобили уште повеќе ескалира. Локалните медиуми во вторникот објавија дека дебатата во еден станбен комплекс со седиште во Ѓеонгги за забрана на ЕВ од подземни паркинзи довела до насилна пресметка.
Друг пожар во кој е вклучено електрично возило се случил околу 5 часот наутро во вторникот во Геумсан, јужна провинција Чунгчеонг, кога се запалил седан паркиран на паркинг гаража. Овој конкретен инцидент се смета дека е проблем со батеријата, врз основа на сведочењето на сопственикот дека го оставил звтомобилот поврзан на полнач во 19 часот претходниот ден и дека прелиминарната истрага утврдила дека пожарот настанал во близина на акумулаторот на автомобилот.