Граѓаните и компаниите ќе можат полесно и побрзо да пристапат до услугите на Централниот регистар, без потреба од повеќе лозинки и различни кориснички имиња. Министерството за дигитална трансформација и Централниот регистар успешно ја завршија интеграцијата на системот за регистрација и најава со националната платформа за електронска идентификација – eID, како и со OneID, напреден систем за автентикација преку КИБС.
Ова значи дека сите корисници – граѓани и правни лица – ќе можат со една дигитална најава да користат повеќе услуги на Централниот регистар, без сложени и повторувачки пријавувања.
Централниот регистар е меѓу институциите што предничат во дигиталната трансформација во земјава. Новата интеграција е дел од поширокиот процес на унапредување на јавните е-услуги со цел да се олесни административниот пристап за корисниците и да се зголеми ефикасноста на институциите.
Со оваа дигитална надградба се овозможува: безбеден пристап до услуги со еднократна најава; повисоко ниво на заштита на личните податоци; брза и ефикасна комуникација со државните институции. Целта е едноставна – помалку бирократија – поголема функционалност, и тоа со еден клик.