ПОВЕЌЕ

    ЕДЕН МЕСЕЦ ПОНИСКИ ЦЕНИ: Ќе ги усреќи ли новогодишната кошница граѓаните?

    Време зa читање: 4 минути

    Од 15 декември до 15 јануари би требало по пониски цени за десет, можеби и некој процент плус, да се продаваат 675 производи. Има шанса и за повеќе, бидејќи во новогодишната кошница има место за дополнителни артикли, зависно од проценката на производителите и дистрибутерите.

    Од Владата порачуваат „Се грижиме“, но дали навистина ќе се реализира основната замисла „Помалку трошоци, повеќе за тебе“?

    Граѓаните, барем засега, се скептични. Најмногу поради вообичаената „итарпејовска тактика на трговците“, како што вели потрошувач, кој коментира:

    „Ние купувачите и онака сме најголемите инспектори. Само, со врзани раце, а зборуваме, кажуваме, кој не слуша? Секој ден купуваме и ги знаеме цените, кои скоро секојдневно се повисоки, за денар-два, но се забележува. Кој гарантира сега, дека до 15-ти нема пак да си ја применат итарпејовската тактика?“.

    Најголемиот дел од искуствата на потрошувачите, по дневните набавки на основните намирници се – торбата е се попразна, исто и паричикот.

    „Да имам плата ко што треба, нема да шетам и да гледам што е на акција. Ќе купам што ми треба и толку. Може власта добро мисли, ама и трговците треба на нас да помислат“, вели скопјанка, која покажува на торбата, додавајќи: „Еве, парче кравји кашкавал, јогурт и салфети, 400 денари, и тоа во маркет со попристапни цени“.

    Ефектите од новогодишната кошница – дали цените на основните намирници навистина се намалени, ќе се покажат по само пет дена од нејзината примена. На 20 декември ќе биде пресметана вредноста на синдикалната минимална кошничка, најавија од ССМ. Синдикалците потсетуваат и на претходните искуства со трговците кога се применуваа слични мерки – намалени плати за вработените и зголемени цени на производите.

    „Новата синдикална минимална кошничка ќе биде пресметана на 20 декември, што ќе покаже дали цените на основните прехранбени производи навистина се намалени. Дополнително, на 20 јануари ќе утврдиме дали по завршувањето на акцијата трговците ги зголемиле цените, со што би се изгубил ефектот од мерката“, посочуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија и апелираат – стопанствениците да покажат општествена одговорност, а оние што ќе се обидат да го изиграат системот да бидат казнети.

    Работиме за да им биде подобро на граѓаните, порачуваат властите.

    „На рафтовите производите кои се со намалени цени ќе бидат означени, а дополнително преку веб страната „mojakosnica.mk граѓаните ќе може да се информираат за производите кои се опфатени од оваа листа. Владата покажа одговорно работење и посветеност кога станува збор за подобар животен стандард.

    Некои прехранбени производи се намалени за 10 и повеќе проценти, а во оваа листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Воедно, листата во следниот период има можност да се проширува и со други производи по ниски цени.

    Оваа одлука е за поздравување и има за цел секое семејство новогодишните празници да ги помине во пристојни услови“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

    Мерките од типот на новогодишната кошничка нема да го дадат посакуваниот ефект и нема реално да ги намалат високите цени, сметаат од опозициската СДСМ. Меѓу другото, укажуваат на периодот што им е оставен на трговците за зголемување на цените.

    „На дел од производите кои се објавија во оваа кошничка, во изминатите донови цените им се зголемија, особено на млечните производи. Таков простор за покачување на цените имаат трговците и наредните денови до 15 декември. Ако потоа се намалат на истото ниво, тоа не значи повеќе пари за граѓаните, туку класична манипулација, а ефектот за џебот на народот е нула“, нагласуваат од СДСМ, од каде што се инсистира на мерки за трајно намалување на трошоците.

    Новогодишната кошница е резултат произлезен од договорот меѓу Владата и 60 компании, тие самите да одлучат на кои производи ќе им ги намалат цените, што би било во функција за подобрување на стандардот на граѓаните. Барем во текот на празниците.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично