ПОВЕЌЕ

    ЕБОР ги намали проценките за растот на македонскиот БДП во 2023

    Време зa читање: 2 минути

    Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во четвртокот соопшти дека очекува бруто домашниот производ (БДП) на Северна Македонија да се зголеми за 2 отсто во 2023 година, намалувајќи ја нејзината проекција за раст од 2,3 отсто направена во септември. Во 2024 година, БДП на Северна Македонија се проектира да порасне за 3%, соопшти ЕБОР во ажурирањето на својот извештај за регионални економски перспективи.

    БДП на Северна Македонија се проценува дека пораснал за 2,5 отсто во 2022 година, откако се зголемил за 4 отсто во 2021 година.

    ЕБОР очекува економскиот раст на регионот на Западен Балкан да забави до 2,2% во 2023 година од проценетата стапка од 3% во 2022 година, поради слабата надворешна побарувачка, постојано високата инфлација и позаострените услови за финансирање. Економскиот раст за регионот во 2024 година е проектиран на 3,4%.

    Високите цени на енергенсите и инфлацијата продолжуваат да влијаат на економските изгледи на сите региони што ги покрива банката, кои опфаќаат три континенти, проценуваат во ЕБОР. Прогнозите за раст се со надолни проекции во повеќе од половината од 36-те економии во кои работи ЕБОР, со многу малку нагорни проекции. Просечната инфлација во регионите на ЕБОР во декември падна на 16,5 отсто, откако го достигна врвот од 17,5 отсто во октомври.

    ЕБОР проценува дека просечниот раст на БДП во регионите што ги покрива лани бил 2,4 отсто, годинава ќе изнесува 2,1, а во 2024 ќе достигне 3,3 отсто.

    Банката најавува дека посеопфатен извештај за економските перспективи ќе објави во мај.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично