ПОВЕЌЕ

    ДЗР: Не е јасно колкави буџетски средства се во функција на целите за одржлив развој

    Време зa читање: 4 минути

    Државните институции и органи се делумно подготвени за спроведување на Целите на одржлив развој до 2030 година. Тој заклучок на ревизорите од Државниот завод за ревизија се заснова на детектирните одредени слабости во структурата на управување, процедурите, административните капацитети, комуникацијата и информирањето, финансирањето и системот за мониторинг.

    Наодите произлегуваат од извршената ревизија на успешност на тема „Подготвеноста на Република Северна Македонија за имплементација на Целите за одржлив развој до 2030 година” со цел да даде одговор на прашањето: „Дали институциите и органите на Република Северна Македонија се подготвени за спроведување на Целите за одржлив развој до 2030 година?”

    И покрај добро воспоставената стратешка и институционална рамка за спроведување на обврските од Агендата 2030, поради одредени слабости во: структурата на управување, процедурите, административните капацитети, комуникацијата и информирањето, финансирањето и системот за мониторинг, институциите и органите на Република Северна Македонија делумно се подготвени за спроведување на Целите на одржлив развој до 2030 година.

    Постојната стратешка рамка на земјата релативно добро ги опфаќа клучните аспекти на одржливиот развој. Од причини што Националната стратегија за одржлив развој (НСОР) не е ревидирана и во целост приспособена согласно целите и индикаторите на Агендата 2030, се подготвува Национална развојна стратегија (НРС), а секторските стратешки документи главно ги рефлектираат насоките и принципите предвидени со ЦОР, поради што усогласеноста на стратешкото планирање на развојот со ЦОР е на ниво од 83%, односно 95% доколку се земе предвид и имплементацијата на 55 ратификувани меѓународни конвенции.

    Целосна усогласеност (покриеност на сите пот цели од конкретна ЦОР) е утврдена со ЦОР 4 (образование), ЦОР 6 (вода), ЦОР 7 (енергија), ЦОР 9 (инфраструктура и индустријализација) и ЦОР 16 (инклузивно раководење). Најнизок степен на усогласеност од 50% е постигната кај ЦОР 10 (нееднаквост помеѓу и во земјите).

    Од извршената анализа на организациската и институционалната поставеност за имплементација на НСОР, со ревизијата е утврдена попречена функционалност поради слабите административни капацитети, недостаток на сите предвидени тела за поддршка и процедури со јасно дефинирани надлежности и одговорности.

    Исто така, утврдено е отсуство на редовна меѓуинституционална комуникација, како и отсуство на ефикасни канали за комуникација и информирање со цел вклученост на засегнатите страни и подигање на јавната свест. Само 5% од испитаниците од спроведено истражување се изјасниле дека се воспоставени канали за комуникација и информирање на засегнатите страни и јавноста, а нивната ефикасност ја оценуваат како делумна, додека 77% од нив сметаат дека не им се дадени доволно можности за активно учество во процесот на прилагодување на националната рамка со ЦОР.

    Постојниот начин на буџетирање не дава јасна слика за тоа колку од планираните и реализирани буџетски средства се насочени во функција на остварување одделните цели и под цели на одржливиот развој и не овозможува ефикасно следење на резултатите од финансираните активности.

    Со ревизијата е констатирано и нецелосно искористување на расположливите средства наменети согласно петгодишната Стратегијата за мобилизација на средства и партнерства за Рамка за соработка за одржлив развој (РСОР). Во 2021 година, OH во државата располагале со средства во вкупен износ од 44,9 милиони долари, од кои искористени се 35,6 милиони долари, односно 79%, а во 2022 година од расположливите 37,4 милиони долари, искористени се 31,3 милиони долари, односно 84%.

    Следењето и прегледот за напредокот на РС Македонија кон остварување на целите за одржлив развој од Агендата 2030 се врши преку повеќе документи: Анализа за утврдување недостатоци, Брзата интегрирана проценка, Доброволниот национален преглед и годишните извештаи од Заедничкиот управен комитет. Од глобалната рамка на индикатори, за Република Северна Македонија расположливи се 155 или (63%), и најголемиот дел произлегуваат од програмата за работа на Државниот завод за статистика, додека останатите индикатори се обезбедуваат од други релевантни институции.

    Невоспоставениот систем за прибирање и следење на податоците од повеќе институции не го олеснува процесот на известување како поддршка на механизмот за отчетност. Во таа насока, недостасува платформа на веб-страницата на Државниот завод за статистика, со која ќе се овозможи податоците, информациите и изворите на информации за ЦОР, како и индикаторите да бидат континуирано мониторирани, се наведува во ревизорскиот извештај.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично