ПОВЕЌЕ

    ДЗР: Милиони од Буџетот за пензии, а минимална грижа – од 2020 година нема стратегија за стари лица

    Време зa читање: 4 минути

    Буџетските трансфери за пензии достигнаа околу 690 милиони евра во 2024 година и ќе продолжат да растат, додека услугите за грижа за старите лица опфаќаат помалку од 1 отсто од оваа популација. Во услови кога државата веќе пет години нема стратегија за стари лица, а населението забрзано старее, ризиците за јавните финансии и социјалната стабилност се зголемуваат. Ова се клучните наоди од ревизијата на успешност на тема „Стареење на населението“, што ја спроведе Државниот завод за ревизија.

    Ревизијата, која го опфаќа периодот од 2014 до јуни 2024 година, покажува дека иако институциите преземаат одредени мерки, тие не се доволни за да обезбедат одржлив пензиски систем и соодветна грижа за лицата над 65 години. Според ревизорите, постои сериозен ризик од дополнително оптоварување на буџетот и зголемување на социјалната исклученост во наредните децении.

    Првиот столб на пензискиот систем континуирано работи со дефицит. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со буџетски средства. Во изминатата деценија, учеството на буџетските трансфери во приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнува и до 43,6 проценти. Само во 2024 година тие изнесуваат 42,5 милијарди денари, односно околу 690 милиони евра, а за 2025 се очекува дополнителен раст.

    Иако пензиите се исплаќаат редовно и бележат континуиран раст – просечната пензија достигнува околу 27.143 денари во 2025 година – тоа не е поткрепено со зголемување на придонесите и на вработеноста. Дел од зголемувањата се правени линеарно, без економска основа, што дополнително ја нарушува одржливоста на системот.

    Сериозен проблем е и структурата на инвестициите во вториот пензиски столб. Средствата во голема мера се вложуваат во државни обврзници, што обезбедува стабилност, но го ограничува приносот и заштитата од инфлација.

    Ревизијата укажува дека демографските трендови се особено загрижувачки. Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година. Според проекциите на Државниот завод за статистика, уделот на лицата над 65 години ќе се искачи од 19,1 % во 2025 на 32,6 % во 2050 и 34,2 % во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 на над 144.000 во 2055 година, додека работоспособното население (15–64 години) ќе се намали за приближно 470.000 лица.

    Овие трендови директно ќе влијаат врз пензискиот систем. Без реформи, посочуваат ревизорите, буџетските трансфери за пензии би можеле да достигнат 7,4 проценти од БДП до 2057 година, што претставува сериозен фискален ризик.

    Покрај пензискиот систем, сериозни слабости се детектирани и во грижата за старите лица. По истекот на Националната стратегија во 2020 година, државата сè уште нема нов сеопфатен документ. Постојните услуги се ограничени и недоволно развиени. Помошта и негата во домот опфаќа околу 3.000 корисници, односно помалку од 1 процент од лицата над 65 години, а не е достапна во 31 општина. Дневните центри имаат капацитет од само 200 лица, а домовите за стари лица располагаат со 2.378 места, со нерамномерна распределеност и листи на чекање. Во вакви услови, најголемиот дел од грижата паѓа врз семејствата и неформалниот сектор.

    Во 2024 година, околу 63.000 лица над 65 години имале потреба од долготрајна нега, а до 2050 година оваа бројка се очекува да достигне 108.000. Без значително проширување на капацитетите, овој притисок дополнително ќе се зголемува.

    Ревизорите заклучуваат дека се неопходни итни и сеопфатни реформизголемување на возраста за пензионирање, прилагодување на стапките на придонеси, ревизија на моделот за усогласување на пензиите, диверзификација на инвестициите во вториот столб, како и зголемување на капацитетите за услуги кон старите лица.

    Без такви мерки, системот за пензиска и социјална заштита тешко ќе може да одговори на забрзаното стареење на населението и на растечките економски и социјални предизвици.

    Ревизијата е реализирана во рамките на меѓународната ревизија на успешност координирана од Врховната ревизорска институција на Израел, со учество на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија и Врховните ревизорски институции на Република Албанија, Република Чешка, Република Литванија, Република Малта, Република Парагвај, Република Полска, Република Португалија и Република Словачка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично