Цените на нафтата би можеле да се искачат до рекордни 185 долари за барел, доколку Европската унија реши да воведе целосна итна забрана за увоз на руска нафта, велат од Џеј Пи Морган.
ЕУ интензивно размислува за потенцијално воведување ембарго на руската нафта, но блокот сè уште е поделен околу забраната за увоз на руска енергија. Најголемата европска економија – Германија – засега продолжува да се спротивставува на итно ембарго на нафта, велејќи дека забраната за нафта ќе ги втурне Германија и Европа во длабока рецесија.
Германија, Унгарија и Австрија, како и некои други членки на ЕУ, продолжуваат да се спротивставуваат на непосредната целосна забрана на руската нафта, иако Германија на почетокот на овој месец сигнализираше дека може да ја прекине својата зависност од руската нафта оваа година.
Доколку ЕУ ги засили ембаргото во шестиот пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина и одлучи да воведе целосно итно ембарго на руската нафта, тогаш цената на суровата нафта брент може да се зголеми за 65 отсто до дури 185 долари за барел, вели Наташа Канева, шефот на глобалната стратегија за стоки во Џеј Пи Морган, пренесува Блумберг.
Целосната непосредна забрана ќе намали над 4 милиони барели дневно руско снабдување, а Кина и Индија нема да можат да ги апсорбираат сите тие количини многу брзо, додаде Канева.
Сепак, непосредната забрана на ЕУ не е основното сценарио на Џеј Пи Морган – инвестициската банка смета дека се намалуваат 2,1 милиони барели дневно руско снабдување во Европа. Ако ЕУ воведе постепено укинување на руската нафта во текот на неколку месеци, како што направи со забраната за увоз на руски јаглен, усвоена на почетокот на април, но ќе стапи на сила дури од август, тоа нема да влијае толку на цената на нафтата, вели Канева.
Ембарго на ЕУ за увоз на руска нафта можеби е во фаза на работа, но изготвувањето и подготовката за таква забрана најверојатно ќе потрае „неколку месеци“, изјавија европските претставници за агенцијата Франс Прес минатата недела.
Во тек е забрана на ниво на ЕУ, изјави денеска францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер. „Се надевам дека во следните недели ќе ги убедиме нашите европски партнери да престанат да увезуваат руска нафта“, изјави министерот за Радио Европа 1 во вторникот.