Со нови 2,81 милијарда денари или 45,7 милиони евра се задолжува државата преку двете државни обврзници што од денес котираат на Македонска берза. Министерството за финансии ги издало на 18 септември, едната ќе пристигне за наплата по две, а другата по 15 години.
Вредност на првата емисија е 495.810.000 денари (над осум милиони евра). Издадени се 49.581 обврзница. На потенцијалните домашни кредитори им носи камата од 3,75 насто. Доспева на 18 септември 2027 година.
Поголемата емисија со издадени 231.525 хартии од вредност е во вкупен износ од 2.315.250.000 денари (над 37,6 милиони евра). Датумот на достасување е 18 септември 2040 година, па поради тоа и каматата е повисока. На инвестираните средства ќе им се пресметува стапка од 5,1 процент.
И во двете емисии државните обврзници се без девизна клаузула и со номинална вредност од 10.000 денари.