ПОВЕЌЕ

    ДВЕ ДЕЦЕНИИ ПЕНЗИСКА РЕФОРМА: Пензиските друштва со заедничка порака – „Иднината зависи од денешните инвестиции“

    Време зa читање: 4 минути

    Едукативната кампања „Засади желба за стабилна иднина“ денеска беше официјално промовирана. Станува збор за петта по ред заедничка иницијатива на трите пензиски друштва во земјава – КБ Прво, Сава АД Скопје и Триглав АД Скопје, реализирана со поддршка од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС. Оваа година мотото на кампањата е посветено на јубилејот „20 години од реформата на пензискиот систем“, кој во земјава внесе нов модел на заштита на граѓаните во староста, заснован на сигурност, транспарентност и долгорочна стабилност.

    Претседателот на Советот на експерти во МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека денес може со гордост да се зборува за резултатите од дведецениската реформа, која ја нарече една од најважните економско-социјални промени во нашата држава. Според него, капитално финансираното пензиско осигурување, или т.н. втор столб, се покажало како еден од најсигурните механизми за заштита на идните пензии.

    „Денес имаме над 620.000 членови и повеќе од 178 милијарди денари акумулирани средства во вториот столб. Секој член има своја лична заштеда и капитал кој расте со текот на времето“, нагласи Бајрами.

    Тој потсети и на важноста на третиот столб – доброволното пензиско осигурување, во кој според најновите податоци членуваат околу 35.000 граѓани, со приближно 4,7 милијарди денари акумулирани средства.

    Весна Стојановска, претседателка на Управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво, подвлече дека улогата на пензиските друштва не е само управување со бројки, туку создавање сигурност и доверба.

    „Изградивме модерен, транспарентен и стабилен пензиски систем кој управува со индивидуални сметки и со внимателни инвестициски политики создава основа за достоинствена старост“, изјави Стојановска.

    Претседателката на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, Снежана Станковиќ, најави формирање на Асоцијација на пензиски друштва, која ќе биде глас на индустријата и чувар на интересите на сегашните и идните пензионери.

    „Асоцијацијата ќе биде платформа за професионален дијалог и заедничко делување, а меѓу првите активности е организација на меѓународна конференција што ќе се одржи на 12 ноември во Скопје, по повод 20 години од пензиската реформа“, објасни таа.

    Од Триглав пензиско друштво, пак, претседателот на Асоцијацијата, Маријан Николовски, ги презентираше новите активности во рамки на кампањата, посочувајќи дека тие се насочени кон подигање на свеста за финансиската писменост и пензиската сигурност. „Финансиската стабилност нè засега сите, без разлика на возраста или професијата. Кампањата има цел да го охрабри секој граѓанин да размислува за сопствената иднина и активно да планира“, рече Николовски.

    Претставниците на пензиските друштва се осврнаа и на актуелното прашање за можно зголемување на старосната граница за пензионирање. Снежана Станковиќ предупреди дека станува збор за болно прашање што бара широка јавна дебата, бидејќи животниот век во Македонија е понизок од светскиот просек, што го скратува периодот на користење на пензијата.

    „Сè додека е таков животниот век, зголемувањето на старосната граница не е поволна мерка, но треба да се следи и приспособува на демографските и економските услови“, нагласи таа.

    Во своите излагања, учесниците потсетија дека демографските проценки покажуваат намалување на бројот на жители, што го прави првиот пензиски столб се понеодржлив. Според последните податоци, Македонија во 2050 година се очекува да има околу 1,5 милион жители, што дополнително ја зголемува потребата од јакнење на вториот и третиот столб. Стојановска додаде дека за стабилни пензии, според меѓународните студии, неопходно е континуирано одвојување на 7 до 10 проценти од бруто-приходот во текот на целиот работен век, што отвора дилема дали да се зголеми уделот во задолжителниот фонд или да се стимулира доброволното штедење.

    Со заедничка порака до јавноста, пензиските друштва повикаа граѓаните да инвестираат во својата иднина преку задолжителните и доброволните фондови.

    „Колку порано започнеме со штедење, толку посигурна и поквалитетна старост ќе имаме“, порача Станковиќ.

    На пресот беше промовирано и носечкото видео за кампањата, како и новата едукативна алатка – речник на поими достапен на веб-страницата penzija.mk. Со тоа продолжува традицијата на заеднички едукативни кампањи на пензиските друштва и МАПАС, која трае веќе една деценија.

    Јубилејот од 20 години реформа ја нагласува успешноста на досегашниот систем, но и потребата од понатамошни прилагодувања. Пензиските друштва се согласни дека најтешкиот период е надминат и дека реформата мора да продолжи, бидејќи само со дополнително јакнење на капитално финансираното осигурување може да се гарантираат стабилни, редовни и одржливи пензии за сегашните и идните генерации.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично