Форумот што денес го одржуваме е доказ дека постои волја, капацитет и одговорност за да ги зајакнеме темелите на економијата и да создадеме подобра иднина за сите граѓани. Ова е место каде се среќаваат идеи, искуства и планови за една посилна и поконкурентна економија, нагласи министерот за економија, Бесар Дурмиши, кој ја отвори конференцијата „Бизнис Лидер“, што денес се одржува во Скопје.
„Бизнис Лидер е најголемата бизнис конференција во нашата земја и токму овде се среќаваат најуспешните лидери, визионери и претприемачи, со единствена цел – размена на идеи, иновации и создавање партнерства кои ќе ја движат македонската економија напред“, рече министерот кој ја пренесе пораката од премиерот Христијан Мицкоски дека Владата е вистински сојузник на стопанството, а сите заедно ќе помогнеме во јакнење на бизнис заедницата во земјава.
Воедно, посочи и на владината визија за економскиот развој: „Македонија како земја со зелена, дигитализирана и иновативна економија, каде претприемништвото е двигател, а иновацијата е дел од културата на секоја компанија. Со таква насока можеме да обезбедиме нови работни места, повисок животен стандард и стабилен раст. Владата веќе спроведува реформи за подобрување на деловното опкружување, за привлекување инвестиции и создавање услови за младите да ја градат својата иднина тука, дома“, нагласи Дурмиши.
Како што наведе, оваа визија е остварлива само со партнерство меѓу јавниот и приватниот сектор.
„Министерството за економија гледа на бизнис-заедницата како на стратешки партнер. Преку постојан дијалог со стопанските комори, преку јавно-приватни партнерства и преку заеднички инвестиции покажуваме дека политиките се создаваат во консултација со оние кои секојдневно ја градат економијата“, рече Дурмиши.
Според него, на конференцијата се собрани вистинските двигатели на економијата, чии успеси сe инспирација за целото општество.
„Со создавање работни места, со нови технологии и со храброст за ризик, вие ја движите Македонија напред. Вашата визија инспирира нова генерација млади претприемачи да сонуваат за големи успеси и да веруваат дека тие се можни“, потенцира министерот и порача – „Министерството е тука да биде ваша поддршка. Нашата улога е да создадеме стабилни правила, поволна деловна клима и политики што ќе ви овозможат да растете и да се развивате. Вашиот успех е успех и на државата“.