Со силна економија, стабилна регулатива, нулта даноци и висок инвестициски принос, Дубаи се позиционира како една од најатрактивните светски дестинации за вложување во недвижности. Ултралуксузните недвижнини секоја година поставуваат нови рекорди. Најголеми инвеститори се Индијците, а меѓу првите пет се и државјаните на Велика Британија, Саудиска Арабија, Кина и Пакистан.
Можности за вложувања имаат и инвеститорите од Македонија. На пазарот на недвижности во Обединетите Арапски Емирати се нудат неколку нови станбени проекти на различни локаци, со почетни цени од 170 илјади до половина милион евра и со рокови за изградба во 2027, односно 2030 година. Во што може да се вложи, под кои услови и какви се придобивките од инвестициската активност во Дубаи – беше претставено на презентацијата што се одржа во Скопје пред потенцијалните интересенти.

„По презентацијата веќе се јавија првите заинтересирани клиенти, со цел отворање компании во Дубаи, како и инвестирање инвестирање во недвижности“, изјави адвокатот Мери Васоска за порталот Пари. Всушност, адвокатската канцеларија Мери Васоска го организираше настанот во соработка со правната куќа од Дубаи Gate world consultancy и со LionGate Real Estate – агенција за недвижности, исто така од Дубаи.
„Ова е првата наша заедничка презентација во Македонија, со која го означивме и почетокот на нашата соработка со склучување договор“, вели Васоска.
Што се однесува до понудите за вложување претставени пред потенцијалните инвеститори, цените на становите се формирани зависно од локацијата и од степенот на луксуз.

Проектот ÉLEVÉ, развиен од компанијата Deyaar, е лоциран на Sheikh Zayed Road, во делот Downtown Jebel Ali. Станбениот комплекс е позициониран во зона која е во фаза на интензивен урбан развој. Според информациите, изградбата треба да биде завршена во третиот квартал од 2027 година, а почетната цена на становите изнесува 350 илјади евра. Проектот се претставува како современ урбан концепт со модерен архитектонски пристап и одржливи градежни технологии.
Вториот проект на Deyaar е PARKFIVE, сместен во Dubai Production City. Станува збор за резиденцијален комплекс со одржлив дизајн и социјални содржини. Рокот за завршување на изградбата е исто така планиран за третото тримесечје од идната година. Становите се со почетна цена од 170 илјади евра.
Истата компанија има и трет проект – AYA Beachfront Residences, кој се наоѓа во Umm Al Quwain, на крајбрежна локација. Проектот е позициониран директно покрај море и е наменет за станбено живеење во природна околина. Според планот, завршувањето на изградбата е предвидено за третиот квартал од 2027 година, со почетна цена од 260 илјади евра.
Дел од понудата е и Creek Haven, резиденцијален проект на Emaar, лоциран во Dubai Creek Harbour. И овој станбен комплекс е покрај вода, во една од развојните урбани зони на Дубаи. Според плановите, изградбата би требало да заврши во првиот квартал од 2030 година. Почетната цена на становите изнесува 500 илјади евра.
На прашањето – зошто да се инвестира во Дубаи – одговор даваат податоците од презентацијата.

Пазарот на недвижности во Дубаи и понатаму привлекува силен интерес од странските инвеститори. Предност се стабилната економија, нула даноци и висок принос од изнајмување. Во 2025 година реализирани биле над 215 илјади трансакции со недвижности, со вкупна вредност од 730 милијарди дирхами, односно околу 200 милијарди американски долари. Бројките го стават Дубаи пред големите светски пазари, вклучително и Лондон.
Инвеститорите, од изнајмувањето на становите можат да очекуваат просечен бруто-принос од 6 до 8 проценти, а во одделни значајни заедници и до 9 проценти. За споредба, просечниот принос во Лондон изнесува 2,9 %, во Сингапур и Хонг Конг 2,8 %, а во Сиднеј 2,3 %.
Дополнителна предност е даночниот режим. Во Дубаи нема данок на капитална добивка, данок на имот, данок на приход од издавање, ниту данок на наследство. Согласно Законот на ОАЕ, станбените објекти што се користат за живеење се ослободени од ДДВ.
Во светски рамки Дубаи е препознатлив како деловен и туристички центар, со модерна архитектура, развиена инфраструктура и високо ниво на безбедност. Над 95 проценти од БДП се остварува од не-нафтени сектори, предводени од трговијата, финансиите и туризмот.
Со население од 3,82 милиони жители, од кои 89 проценти се странци, Дубаи претставува една од најразновидните заедници во светот, со над 200 националности што живеат и работат заедно. Градот е рангиран како најбезбеден во светот за 2026 година, со напредни безбедносни системи и исклучително ниска стапка на криминал.
Туризмот бележи рекордни бројки, со над 18,5 милиони посетители годишно. До 2030 година се очекува посетеноста да достигне 40 милиони туристи. Истовремено, Дубаи има највисока стапка на пополнетост на хотели во светот – 82 проценти.
Исто така, аеродромот DXB е најпрометен во светот, со 93,8 милиони патници годишно, додека Emirates Airlines го поврзува Дубаи со над 140 дестинации. Транспортниот систем вклучува метро, трамвај и поморски превоз, а во тек е изградба на новата Сина метро линија долга 30 километри, со 14 станици.
М.А.
Аналитика








