ПОВЕЌЕ

    Државата сервира студентски оброк – Пријавувањето стартува денес

    Време зa читање: 2 минути

    Почнувајќи од денес, па сѐ до 5 септември, студентите – кои веќе го имаат и тие кои ќе го стекнат тој статус во претстојната академска 2025-2026 година, можат да аплицираат за субвенционираниот студентски оброк. Износот е 140 денари, а со нив студентите на дневна основа, освен во недела и на државни празници, би требало да купуваат приготвена храна.

    Пријавувањето е онлајн, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/. Заинтересираните треба да се државјани на Македонија и да не остваруваат месечен приход кој ја надминува минималната нето-плата во тековната година.

    Како што се наведува во соопштението од Министерството за образование, на јавниот повик можат да се пријават сите редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на јавните и приватните универзитети во државата.

    „При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк. МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, УЈП и студентските служби на факултетите“, информираат од МОН.

    Исто така, советуваат – доколку апликантите имаат потреба од непосредна поддршка при пријавувањето, може да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард преку [email protected].

    Студентите кои ќе го минат филтерот, ќе добијат бесплатна наменска платежна картичка издадена од Шпаркасе банка. Претходно, треба да потпишат договор со Банката за отворање на посебна сметка.

    „Финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври“, пишува во соопштението од МОН.

    Притоа се додава дека студентите, чии апликации нема да бидат прифатени, ќе имаат можност повторно да аплицираат од први до петти секој месец од академската 2025/2026 година.

    (Фото: Freepik)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично