Во повеќе од 1.500 направени контроли на терен, инспекторите издале над 400 прекршочни платни налози чија вупна вредност е 21.840.000 денари или околу 355 илјади евра. Бројките се забележани во августовската статистика на Државниот пазарен инспекторат.
Во просек, секој што бил фатен „на дело“ треба да плати казна од 890 евра. И тоа за констатирани неправилности, односно за непочитување на осум законски акти – за трговија, за финансиска дисциплина, за заштита од пушење, за угостителска дејност, за туристичка дејност, за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, за заштита на потрошувачи и за енергетика.
Прекшочните платни налози треба да се платат, а оние кои сметаат дека се неправедно казнети можат да го остварат своето право во судска постапка, посочуваат од ДПИ, и додаваат дека инспекторите кои утврдиле прекршок кај економските субјекти ќе сведочат на судските рочишта.
Од Државниот пазарен инспекторат нагласуваат дека екипите и натаму се на терен и постапуваат во согласност со своите надлежности, вршејќи редовни и вонредни надзори и контроли.