На усвојување во Собранието, Владата испраќа дополнет Предлог Буџет за идната 2024 година. Текстот е утврден на денешната седница.
Како што соопштуваат од владината служба за информирање, дополнетиот предлог предложен од Министерството за финансии, претставува нов интегрален текст. Во него се вградени прифатените амандмани во текот на спроведената амандманска расправа во надлежните собраниски комисии. Направени се и потребни измени и дополнувања на првично утврдениот Предлог Буџет.
„Клучните елементи на Дополнетиот Предлог Буџет за 2024 година се редизајнирање на буџетската политика и фискална консолидација“, се вели во владиното соопштение.
Инаку, беа поднесени 272 амандмани, од кои 250 од опозицијата, а прифатени се три. Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.
Проектиран е на 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра, а дефицитот е намален и се предлага ниво од 545 милиони евра. Предвидени се пари за повеќе намени, меѓу кои за зголемувања на платите во јавниот сектор, за редовното усогласување на пензиите, за повеќе финансиски средства за општините…, а капиталните расходи се 733 милиони евра.