Најголемиот акционер на „Македонијатурист“, Доне Таневски, купи уште 8.667 акции издадени од ова акцонерско друштво. Со тоа сопственичкиот удел го зголеми на 21,5 проценти.
За ова од компанијата известија преку Македонска берза, а во објавата се вели:
„Согласно член 34 алинеја 7 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека Доне Таневски, претседател на Надзорен одбор на Македонијатурист АД Скопје, се стекна со 8.667 обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје и сега поседува 97.249 обични акции, односно 21,50%“.
До последново купување акции, сопственоста на Таневски беше 19,587 отсто.
Всушност, Таневски ги купил акциите на 17 месецов, кога Берзата извести за две блок трансакции: првата со пакет од 7.167 акции, во вредност од 44.077.050 денари и втората со 1.500 акции и со цена од 9.225.000 денари. За една акција платил 6.150 денари, а за сите вкупно – над 865 илјади евра.
Според годишниот извештај за работењето во 2023, акционери кои поседуваат повеќе од пет проценти се и долгогодишната соработничка на Таневски, Соња Бибановска, со 50.953 акции или 11,267 %, како и отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиско друштво со 39.789 акции, односно 8,798 %.
Друштвото има издадено 452.247 обични акции со номинална вред вредност од 25,56 евра, кои се во сопственост на 610 акционери.
Актуелната директорка на „Македонијатурист“ и претседателка на Управниот одбор, Мирјана Таневска Ефремова, има 436 акции (0,096 %). Исто така, според годишниот извештај, меѓу членовите на органите на управување акционери се Илија Тренески од УО кој има 105 акции (0,023 %), како и Владо Богдановски од Надзорниот одбор со 1.200 акции (0,265 %)
Името на Таневски со децении е сврзано за „Македонијатурист“. Пред една година се случија промени на врвот, кога Доне Таневски се повлече, а на директорската позиција го замени неговата ќерка Мирјана Таневска-Ефремова. Најискусниот домашен бизнисмен во областа на хотелиерството пред десетина години од „Форбс“ беше рангиран меѓу петмината најбогати Македонци.