ПОВЕЌЕ

    ДОМАШНОТО ДОБИВА СВОЕ МЕСТО: Ознаки за македонските производи во сите маркети

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските јаболка, домати и компири наскоро ќе ја добијат својата „лична карта“ на полиците во маркетите – јасни и видливи ознаки што ќе им помогнат на купувачите веднаш да ги разликуваат од увозните. Целта е едноставна, но амбициозна: граѓаните да знаат што е домашно, да го изберат тоа, а парите да останат во земјата и да ја зајакнат македонската економија.

    Ова е сржта на кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост“, која Министерството за земјоделство ја реализира заедно со стопанските комори. Министерот Цветан Трипуновски вели дека приоритетот е троен – поддршка за производителите и преработувачите, зголемена видливост на квалитетните македонски производи и поттик за домашната економија.

    „Имаме квалитет што треба да биде видлив. Денес, ако влезете во маркет, тешко ќе препознаете дали доматот е домашен или увозен. Со овие означувачи, граѓаните ќе можат да направат информиран избор“, нагласува министерот. Тој најави и мобилна апликација што ќе овозможи брз пристап до информации за свежите производи и автентичните преработки.

    Кампањата предвидува и нова интернет-платформа – makedonskonajdobro.mk, каде што производителите и преработувачите ќе ги презентираат своите производи, а компаниите ќе ги означат продажните места. Платформата располага со интерактивна мапа „Каде да купам” која, преку геолокација, ги прикажува најблиските локации со домашни производи и овозможува пребарување по категорија или конкретен производ.

    Стопанската комора на Северозападна Македонија целосно ја поддржува иницијативата, но предупредува дека цената е подеднакво важна како и квалитетот. Вршителот на должноста претседател, Нухиу Алиу, нагласува дека државата мора внимателно да ги креира ценовните политики. „Пазарот ни е либерален и не можеме да го затвориме за увозот, особено ако тежнееме кон ЕУ и нејзините стандарди. Но, ако потрошувачот е информиран и убеден во квалитетот, ќе избере домашно“, вели тој.

    Алиу посочува и на проблемот со посредниците, кои со своите наценки ги прават домашните производи поскапи од увозните. „Нашата цел е купувачот да биде поблизок до производителот. Со купувањето домашно, граѓаните индиректно ги стимулираат земјоделците и придонесуваат за зголемување на производството“, додава тој.

    Министерството најавува и дополнителни анализи на цените, при што државната интервенција е можно решение само во исклучителни ситуации и за краток период – особено кај базичните производи – додека пазарот не се стабилизира.

    Според Трипуновски, кампањата е само почеток на подолгорочна стратегија. Со новите ознаки на полиците, дигиталните алатки и јавната промоција, институциите очекуваат македонските производи да добијат поголема доверба кај потрошувачите, а парите на граѓаните да останат дома, поттикнувајќи раст и развој на земјоделството.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично