Изминативе децении многу малку или речиси ништо не е направено во делот на борбата за почист воздух. Не е само воздухот проблем во квалитетот на животот на граѓаните, туку и околината и животната средина, а не треба да се обвинуваат домаќинствата дека се главните загадувачи на воздухот во зима, е дел од ставовите на претседателот на Владата, Кристијан Мицковски, искажани во текот на надзорната расправа за аерозагадувањето, која денес се одржа во македонското Собрание.
Во однос на загадениот воздух Мицкоски истакна дека најголем причинител за таквата состојба е системот на затоплување на домаќинствата, јавните и индустриски објекти.
„Кога станува збор за воздухот и квалитетот на воздухот, најголем причинител е јас би се согласил со вас, е токму тоа што вие го кажавте, системот на затоплување на домови. Но, и на индустриски објекти, јавни објекти. Имаме многу јавни објекти кои што се уште користат фосилни горива за затоплување на самите тие објекти“, истакна Мицкоски.
„Не треба да ги обвинуваме домаќинствата затоа што тие немаат алтернатива, за жал никој до сега не им обезбедил алтернатива, а кога би имале тогаш третирањето на темата би било поинакво и работиме на тоа да обезбедиме алтернатива за домаќинствата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој додаде дека најчесто таа алтернатива е централно греење, а во моментов само дел од Скопје има таков начин на затоплување преку централно греење и има индивидуални обиди во општини каде е инсталираат гасни котли за затоплување на јавни објекти.
„Но, нема далечинско централно затоплување на домаќинствата и можеби тоа е причината зошто луѓето користат најчесто фосилни горива, но не ретко и користат практично се. Од прегорено масло, преку отпадни гуми, стар мебел и покуќнина за да може да ги затоплат своите домови. Тоа може да се надмине само на еден начин ако се реализираат овие проекти и ако се работи на свесноста на сите чинители во општеството. Во годините кои следат дел од овие проекти за дел од општините ќе се реализираат и ќе обезбедат почиста и поздрава животна средина“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека како Влада се преземаат драстични мерки за почиста животна средина.
Премиерот Мицкоски додаде дека исто така во таа насока се субвенциите за инсталирање на ефикасни котли на гас во јавни објекти, топлинските и геотермалните пумпи.
„Како влада се заложивме и сме во напредна фаза на одблокирање на заем од Светска банка да бидеме пријателска влада кон околината преку реконструкција на јавните објекти. Многу работи се случуваат и ќе продолжат да се случуваат“, изјави премиерот Мицковски.
За решавање на овој проблем премиерот Мицкоски смета дека е потребно да се изградат таканаречени когенеративни гасни централи кои што можат да служат и за производство на електрична енергија и за производство на топлина.
„Така што кога сето ова би се сумирало, можам да кажам дека ова е еден од главните приоритети и ќе продолжиме во таа насока да се бориме, посебно во делот на обезбедување на централизиран систем за затоплување на домовите, јавните објекти и дел од индустриските капацитети. И како тоа ќе го правиме најчесто тоа може да се реши со изведба на таканаречени когенеративни гасни централи кои што можат да служат и за производство на електрична енергија и за производство на топлина. Но, за сето тоа да се случи потребна е и подземна инсталација за да може таа топла вода да дојде до домаќинствата, до јавните објекти и до индустриските објекти“, дециден е Мицкоски.
„Што се однесува како Влада можам да се согласам со најголемиот дел од тезите кои што ги кажавте и можам да се согласам со тоа дека изминатите децении многу малку или речиси ништо не е направено во делот на борбата за почист воздух. Но, исто така и во делот на средување на животната средина во која што живеат граѓаните, тука пред се мислам на организирано одлагање на отпад. Но, не само тоа, тука мислам на прочистување на отпадните води, тука мислам на обезбедување на питка вода за пиење за населението, организирани системи за одведување на отпадни води и кога целосно би се организирала државата тогаш можеме да заклучиме дека станува збор за навистина акутен проблем кој што е децении стар и преку ноќ не може да се реши.“
„Како Влада преземаме драстични мерки во таа насока, посебно тука би сакал да го споменам проектот кој се однесува на финансирање и реалокација на средства од централниот буџет кон општините за финансирање на проекти кои што би значеле токму ваков начин на обезбедување на поздрава животна средина“, рече Мицковски, наведувајќи ја како значајна и потребата од проекти за обезбедување на вода за пиење преку водоснабдителни системи, посебно од руралните населени места и за организиран систем за одведување на отпадните води.