Игор Камбовски и Стевчо Јолакоски, и двајцата правници и доктори на науки, се именувани за членови на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола. Одлуката за нивниот избор е донесена на последната седница на акционерското Собрание.
Од Банката оваа информација ја споделија преку Македонска берза. Се наведува дека се избрани со мандат од четири години, во кој за учество и работа на седниците ќе добиваат месечен надомест од 50 илјади денари.
Одлуката ќе стапи во сила откако ќе биде добиена претходна согласност од гувернерот на Народната банка.
Игор Камбовски е доктор на правни науки, редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
За Стевчо Јолакоски ова е нов мандат, бидејќи претходнот завршува на 24 септември. Инаку, во Надзорниот одбор на битолската Стопанска банка е од 2017 година. Тој е доктор на науки од областа на безбедноста и работи во Министерството за транспорт и врски, на позицијата државен советник за патен сообраќај.
По именувањето на двајцата членови, актуелниот состав на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола го сочинуваат: Гордана Гацева, Борислав Атанасовски, Стевчо Јолакоски, Игор Камбовски и Антони Пешев. Независни членов се Гацева и Пешев.