Рокот во кој грчката фирма „Архиродон“ требаше го потпише договорот за проектот „Чебрен“ и изградба на хидроцентралата на Црна река – истече. Повеќе од извесно е дека ќе пропадне и овој тендер, четиринаесетти по ред во период од две децении, за изградба на „Чебрен“.
По налог на министерката за животна средина, Каја Шукова, според информациите на „Телма“, денес е формиран тим од правници кои веќе работеле на проектот, со задача да ја разгледаат комплетната документација за тендерот и најдоцна до утре да донесат препораки за следните чекори на надлежните институции во Македонија. Оваа препорака министерката ќе ја достави до Владата.
Исто така, претходно не се потпиша ниту договор со грчката фирма за формирање заедничко тело со ЕСМ за вложување и заедничка компанија која треба да продолжи со реализација на овој проект.
Грчката компанија „Архиродон“ поднесе и жалба поради тоа што условите во тендерот биле поинакви од донесените со владина одлука.
„Архиродон“ требаше да да ја изгради хидроцентралата на Црна Река за една милијарда евра, за што би добила две третини од стопанисувањето во наредните шеесет години како и стопанисување со „ХЕЦ „Тиквеш“.
Инаку, добар дел од експертската јавност е против тоа грчката компанија да го гради „Чебрен“, при што се посочува дека тоа треба да го направи државата. Здружението на инженери смета дека државата има капацитет да го изгради овој капитален проект, парите нема да се одлеат во странска фирма и затоа поднесоа претставки до неколку институции и до претседателот Стево Пендаровски.