ПОВЕЌЕ

    Потпишан Договор за изградба на тунел: По 30 години железничкото поврзување со Бугарија на прав колосек

    Време зa читање: 3 минути

    „Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што се учело додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска“, истакна министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски, кој со бугарскиот колега Гроздан Караџов го потпишаа Договорот за меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 и ги дефинираа активностите и меѓусебните обврски.

    Договорот за подготовка, изградба и оперативност на тунелот, што ќе биде меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директната железничка врска меѓу Скопје и Софија, извести МИА, беше потпишан во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Анџела Агелер.

    Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.

    „Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 годони. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект“, изјави Караџов.

    Изградбата на пругата Скопје-Софија, проследена со прекини, застои и меѓудржавни недоразбирања и префрлувања, датира од 1994 година. Оттогаш е и неизоставно изборно ветување на секоја од политичките партии што претендирала за освојување на власта. Оттаму и големите економски, но и политички очекувања од реализацијата на овој проект.

    Проценките се дека набрзо по изградбата, уште во првите години товарниот превоз ќе се зголеми за повеќе од 30 насто, а патничкиот сообраќај меѓу 20 и 25 насто. Досега е заокружена изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце, во должина 30,8 километри и со вредност од 40,5 милиони евра. Во тек е изведбата на нова, како и реконструкција на постојната делница Бељаковце–Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра. Во овој дел на работите им е одреден завршен рок до крајот на идната година. Третата и последна фаза е делницата од Крива Паланка до бугарската граница, во чии рамки е и меѓуграничниот тунелот. Се најавува дека веќе идниот месец ќе биде распишан повик за избор на изведувач. Оваа делница е во должина од 23,4 километри, а планот опфаќа 52 моста и 22 тунели. Вредноста е проценета на 560 милиони евра.

    Овој проект, освен морална има и финансиска поддршка од Европската унија.

    „Европската унија ја поддржува соработката меѓу двете земји и обезбедува финансии за имплементација на проектот. Изградбата на тунелот ќе донесе социјален и економски бенефит за регионот“ – посочи директорката на Директоратот за Западен Балкан на ЕК, Валентина Суперти.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично