ПОВЕЌЕ

    ДОГОРЧЕ ОД ЦИГАРА ОСТАВИ ПУСТОШ: Грчкиот остров Хиос претворен од пепел, жена осомничена за катастрофалниот пожар

    Време зa читање: 3 минути

    Катастрофалниот пожар на Хиос, кој со денови беснее на овој источноегејски грчки остров и остави пустош зад себе, најверојатно бил предизвикан од – догорче од цигара.

    Во понеделникот, властите наредија дополнителни евакуации на локалното население, со што вкупниот број на евакуирани населби се искачи на најмалку 16.

    Повеќе пожари избувнаа на пет локации низ источните и северните делови на островот, додека силните ветрови продолжуваат сериозно да ги попречуваат напорите за гаснење на пожарите.

    Сателитскиот систем „Коперник“ објави снимки од шумскиот пожар што беснее низ централен и источен Хиос веќе трет ден, на кои се гледа изгорена површина од приближно 2.000 до 2.500 хектари  или 20 до 25 квадратни километри, пишува грчки Катимерини.

    Целосна проценка, велат властите, ќе биде можна откако пожарот ќе биде ставен под контрола.

    На островот Хиос е прогласена вонредна состојба, додека напорите за гаснење на пожарот продолжуваат. Вкупно 444 пожарникари работат на терен, целата противпожарна сила на островот, засилена со дополнителни екипи од Атина, Солун, Кавала и Лезбос.

    Властите ја проценуваат штетата предизвикана од неодамнешните пожари на островот Хиос, додека една жена е уапсена во врска со еден од пожарите.

    За „Катимерини“, градоначалникот на Хиос, Јанис Малафис изјави дека ситуацијата е во голема мера под контрола, а моменталните напори се фокусирани на следење и гаснење на преостанатите жаришта и можните разгорувања.

    „Патролите започнаа, а наводнувањето на областите каде што сè уште чади продолжува интензивно, бидејќи следните два или три дена остануваат со висок ризик од повторно разгорување. Напладне ќе започнеме со проценка на штетата“, истакна тој.

    Според последната сателитска проценка од „Коперникус ЕУ“, пожарот изгорел приближно 4.092 хектари до пладне во вторник.

    Единица од директоратот за истраги за палења на противпожарната служба пристигна на островот, а една жена веќе е приведена.

    Осомничената, жена вработена како домашна помошничка од грузиска националност, била донесена на сослушување во полицијата, каде признала дека е вмешана во најновиот од петте пожарни фронтови што го погодија островот во изминатите денови.

    Според изворите, таа признала дека во понеделник околу 10 часот наутро, додека била во областа Лептопода, фрлила цигара на земја на истото место каде што подоцна избувнал пожарот.

    Таа тврдела и дека се обидела да го изгасне со ногата и изразила каење за последиците од своите постапки.

    Жената е уапсена за небрежно палење, иако случајот е сè уште под истрага.

    (Фото: InTime News)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично