ПОВЕЌЕ

    Добивката од осигурувањето посилна за 636 насто, на трговијата стопена за 80 отсто

    Време зa читање: 6 минути

    Вкупната добивка на компаниите котирани на Македонска берза за одработените девет месеци од годинава изнесува 19,19 милијарди денари или приближно 311,9 милиони евра, што е за 2,98 насто повеќе во однос на истиот лански период. Во тоа заедничко постигнување профитот има удел од 19,82 милијарди денари, проследен со раст од 2,46 насто, додека загубите се  намалени на 630,4 милиони денари, за разлика од регистрираните во 2024 година – 709,3 милиони денари.

    Зад овие бројки стојат деловните активности реализирани во 86 компании. Од нив, 66 имаат позитивна завршница на третото тримесечје (68 лани), а 20 регистрирале загуба (лани 19). Едно друштво не ги објавило финансиските резултати. Од податоците содржани во берзанскиот деветмесечен преглед што ги анализира Пари, се гледа дека нема големи годишни отстапувања, но во структурата на профитот се забележливи интересни движења.

    Од десетте дејности, седум бележат зголемување, а три намалување на добивката. Најголем по обем и понатаму е банкарскиот сектор, кој создава повеќе од половина од вкупниот профит (164,3 милиони евра), и покрај тоа што годинава е проследен со пад од речиси три отсто.

    Најдинамичен процентуален раст, пак, имаат осигурителните друштва. Само две компании од оваа дејност се излезени на берзата, а нивната заедничка добивка е повисока за повеќе од шестпати.

    Најголемиот пад на профитот – од над 79 отсто, е во трговијата.

    Осигурување – Од минатогодишните 364 илјади евра, добивката на Македонија осигурување – Виена иншуренс груп и на Триглав осигурување се мултиплицирала на скоро 2,7 милиони евра. Тој исчекор се мери со плус 636,55 насто.

    Главниот носител на овој рекорд е Триглав осигурување, чија добивка од над 2,2 милиони евра е речиси трипати поголема од ланската. А, Македонија осигурување ја трансформираше загубата од околу 212 илјади евра во профит, кој на последниот ден од септември годинава изнесува 466,6 илјади евра.

    И уште еден податок, лани во ова време истите две друштва имаа добивка за 78,64 отсто пониска од прекланската во септември.

    Трговија – Падот на профитот од речиси 80 отсто е уште подрастичен доколку се спореди со состојбата септември 2024 – септември 2023, кога трговците имаа најголемо натфрлување во однос на другите дејности од 133,27 насто. На берзата овој сектор има 12 репрезенти, чија заедничка добивка изнесува 1,2 милиони евра. За споредба, ланскиот деветмесечен профит беше поголем од 5,9 милиони евра.

    Забележливо е дела пет компании третиот квартал го завршиле со загуба, а кај три минусот опстојувал и минатата година. Врз послабиот заеднички резултат влијае и Скопски Пазар, каде што годишната промена е на чекор до стотката, односно -95,5 отсто. Или добивката од 5,7 милиони евра, која лани беше носечка, опаднала на 257,6 илјади евра.

    Позитивниот пресврт забележлив кај некои од трговските компании – Технокомерц кој излезе од загуба (182,7 илјади евра) и оствари добивка (557 илјади евра) и Макотекс (+519,93 %) – не е доволен за компензација на падот.

    Земјоделие – Респектибилен раст на добивката од безмалку 60 насто постигнале петте друштва од земјоделската фела. Вкупната добивка е 3,6 милиоини евра. Притоа, процентите (+445,31%) го издвојуваат ЗК Пелагонија – во трите тримесечја се заработени 671,6 илјади евра.

    Од друга страна, ГД Тиквеш и Струмичко поле остануваат во загуба, но значително помала од лани.

    Банки – И натаму претставуваат доминантен профитен сегмент, со вкупна добивка од над 164 милиони евра, која е за 2,98 отсто пониска од ланската. Причината за надолното движење се согледува во намалената добивка кај четири банки. Меѓу нив се и две кои ѝ припаѓаат на големата тројка: Комерцијална банка со пад од 3,9 и НЛБ банка со 7,8 отсто. Најголемиото процентуално опаѓање е на Централна кооперативна банка (-39,35%), а најмалото на ТТК банка (-1,60%).

    Извесен напредок евидентирале три банки. Со растот од над 15 насто, во ова седумчлено друштво се истакнува Стопанска банка Битола.

    Индустријата опфаќа најмногу друштва (35) што котираат на Македонска берза, и е една од трите сектори „минусари“. Има најмало осипување на вкупната добивка од 1,48 отсто, иако во составот се девет компании кои бележат загуба на крајот од септември, а десет се со понизок профит.

    Наспроти тоа, трговијата со нафтени деривати бележи раст од 46,37. Двете компании – Макпетрол со 14,9 милиони и Окта со 7,3 милиони, креирале профит од 22,2 милиони евра.

    Профитот во градежништвото (3,5 милиони евра), сочинет од постигнувањата на Гранит (2,7 милиони евра) и Фабрика Карпош (728,6 илјади евра) е зголемен за 22,7 насто.

    Растот на добивката во фармацијата од 13,8 насто и со вкупна сума од близу 28,1 милион евра, е поддржан од резултатите на двете котирани компании – Алкалоид (24,2 милиони) и Реплек (3,9 милиони евра).

    Четирите друштва од секторот угостителство имаат добивка од близу четири милиони евра, која овој септември, споредено со претходниот, е повисока за 13,22 насто. Со профитот од близу 3,3 милиони евра предничи Македонијатурист, а со процентулниот раст од 142,96 насто – Интернешнел Хотелс.

    Нешто понизок раст, од 13,12 насто има во областа на услужните дејности, каде што 16 друштва создале профит од 36,2 милиони евра. Меѓу нив, четири компании имаат загуба, а пет намалена добивка.

    На Македонска берза котираат 92 друштва. Пет од нив се под долгорочна суспензија: Агромеханика АД Скопје, АрцелорМиттал (ХРМ) АД Скопје, Тајмиште АД Кичево, Благој Туфанов АД Радовиш и Трудбеник АД Охрид.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично