И со пад од 75 проценти кај добивката, резултатите се позитивни, а реализирана е и инвестиција од 650 илјади евра
Прехранбената индустрија „Витаминка” АД Прилеп оствари позитивен финансиски резултат, но и во овој период не излезе од минус фазата во доменот на приходите и добивката, односно од кризните влијанија. Во првото годинешно шестмесечие компанијата има добивка по оданочување во висина од 10.127 илјади денари, односно над 164 илјади евра. И, споредено со бројките регистрирани лани од јануари до јуни, падот е значителни 75 проценти.
Ваквото движење од компанијата го образложуваат со „порастот на поедни групи трошоци и финансиските расходи, односно зголемувањето на каматните стапки“.
Остварените единечни вкупни приходи се во износ од 1.665.100 илјади денари/27 милиони евра. Во овој сегмент намалувањето е за 11,4 отсто. Доминантни, со 99 проценти во структурата се приходите кои доаѓаат од продажбата на сопствените производи и услуги од основната дејност. „Падот на приходите е поради континуираното намалување на цената на сончогледовото масло за јадење“, наведено е во финансискиот извештај на „Витаминка“.
Намалување е забележано и кај трошоците, за 19,3 отсто. Оттаму, единечните вкупни расходи во првата половина ид годинава изнесуваат 1.624.765 илјади денари/26,3 милиони евра.
Освен тоа, компанијата не исплатила дивиденда, односно акционерите решиле целата добивка од претходната година да се реинвестира. Притоа, во шестмесечниот период се инвестирани 40.044 илјади денари или 650 илјади евра. Со овие средства е купена опрема, инсталирана е фотоволтаична станица и изведено е градежно адаптирање.
„Витаминка“ по речиси седум децении опстојување е докажана на пазарот во делот на прехранбената индустрија. Прави продор и во странство, каде што во триесеттина земји на пет континенти пласира речиси половина од производството.