Скопски пазар ја завршил 2025 година со позитивен консолидиран финансиски резултат. Нето-добивката од 72 милиони денари или од речиси 1,2 милиони евра е остварена во услови на засилени инвестиции и проширување на деловните активности.
Вкупните консолидирани приходи на компанијата достигнале над девет милиони евра, додека расходите изнесуваат 7,8 милиони евра. Покрај тоа, вкупната сеопфатна добивка е 2,6 милиони евра.
Во текот на минатата година компанијата направила и значајни стратешки чекори. Основана е нова подружница „Делта Инвест 14“ ДООЕЛ Скопје, чијашто дејност е управување и издавање недвижности. Исто така, во четвртиот квартал е преземено и друштвото „Оне Кабле ФЈ“ ДООЕЛ Скопје, со што Скопски пазар станува негов единствен сопственик. Во врска со тој случај неодамна се изјасни и КЗК, конкретно, донесе решение со кое утврди дека планираната концентрација, односно преземањето на друштвото е во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата и нема да ја наруши пазарната конкуренција.
Вкупните лански инвестиции на Скопски пазар се близу 3,7 милиони евра. Насочени се кон недвижности, материјални и нематеријални средства, како и тековни вложувања. Дел од недвижниот имот е продаден, особено оној за кој е проценето дека нема да генерира доволно приходи во иднина. Истовремено, реализирани се нови вложувања со цел зголемување на приносите.
Друштвото континуирано остварува стабилни приходи од издавање деловен простор, што останува клучен сегмент во работењето и основа за идниот раст, посочуваат од компанијата.
И покрај позитивниот резултат, Управниот одбор оценил дека нема услови за исплата на дивиденда во наредните пет години. Причините се амбициозниот инвестициски циклус, обврските по долгорочни кредити и потребата од одржување на ликвидноста.
Во билансот на состојба, вкупните обврски учествуваат со 43,6 проценти во изворите на средства, од кои најголемиот дел – 84,45 проценти се долгорочни. Главнината и резервите имаат удел од 56,4 проценти.
Во наредниот период Скопски пазар ќе го насочи развојот кон секторот за пазари и недвижности – преку изградба, издавање и продажба на деловен простор. Овој сегмент се посочува како главен двигател на растот, со фокус на зголемување на приходите и подобрување на вкупните деловни резултати.
Аналитика








