Националната развојна стратегија ќе ни ја даде потребната јасност и визија за развојните цели и патеката на нашата држава. Само преку инклузивност и активна партиципација ќе го постигнеме потребниот и посакуваниот консензус за нејзино донесување, но и за имплементацијата на зацртаните цели, изјави вицепремерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, по состанокот на Управниот одбор за креирање на Националната развојна стратегија.
„Националната развојна стратегија ќе ни ја даде потребната јасност и визија за развојните цели и патека на нашата држава. Креирањето на Националната развојна стратегија се заснова на четирикратниот хеликс, а тоа е државата, академијата, бизнисот и граѓанскиот сектор. Во управниот одбор, но и во сите фази на креирањето и консултирањето се вклучени сите. Горд сум што можам да кажам дека ова е веројатно најинклузивниот процес кој сме го имале во нашата држава досега“, посочи Битиќи.
Притоа, појасни дека состанокот симболично е одржан во законодавниот дом. „Каде што, се надевам, за неколку месеци пратениците ќе ја изгласаат Нацоналната развојна стратегија, затоа што наша обврска денес, е да ја планираме и креираме иднината за утре и во годините кои доаѓаат“, рече Битиќи.
Тој информираше дека се одвива последната фаза на пишувањето на стратегијата и проценката е дека до крајот на годинава веќе ќе биде изгласана прво од Владата, па од Собранието.
Инаку, рече, пред повеќе од година и половина започна создавањето на оваа долгорочна стратегија „преку инспиративен и сеопфатен процес, кој има за цел креирање документ кој ќе претставува заедничка визија за развојот на нашата држава и општество во претстојните две децении“.