ПОВЕЌЕ

    До кога ќе растат каматите

    Време зa читање: 6 минути

    Не им е лесно на оние кои имаат кредити во банките, особено на корисниците на станбени кредити на кои им е поминат „медениот месец“, односно периодот на релативно ниски фиксни камати, а кои по правило е за првите три или пет години од отплаќањето на ратите. Причината се променливите каматни стапки кои во изминатиот период се зголемија значително, а како што стојат работите, таквиот тренд ќе продолжи најмалку до наредната година. Така барем велат прогнозите на банкарите. Но, дали ќе се остварат, тоа не зависи од нивната добра волја, туку од фактори кои што тешко предвидливи – како што е инфлацијата, војната во Украина, кризата со извоз на житарки, па и глобалните движења во некои од најголемите економии во светот, како Кина, ЕУ, САД…

    Како и да е парите стануваат сѐ поскапи. И во странство, а уште повеќе дома.

    Вчера Народната банка објави ново зголемување на каматните стапки кај благајничките записи, овој пат за релативно скромни 0,15 базични поени, но ако се земе предвид зголемувањето на референтната камата од изминатата година, таа сега е на нов максимум од 6,15 проценти, односно највисока од јуни 2010 година. Ова е 13-ти пат како НБ ја зголемува каматната стапка на благајничките записи и најмало поединечно до сега, наспроти претходните зголемувања на референтната камата кои беа во опсегот од 0,25 до 0,75 процентни поени.
    Зголемувањето, како што посочија од Народната банка е донесено во услови на постепена стабилизација, но како што оценуваат, и понатаму постојат ризици, поради што „има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика“.

    Познато е дека затегнувањето на монетарната политика е резултат инфлацијата. Иако во јуни таа се намали на 9,3 отсто на годишно ниво, сепак е значително повисока во однос на повеќето земји од Европската унија и во регионот на Западен Балкан, како и дека е „сѐ уште над историското ниво, а базичната инфлација упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени“.Најновото зголемување на референтната камата, како што впрочем и посочуваат од НБ, е рефлексија и на политиката на Европската централна банка, којашто исто така продолжи со зголемување на нејзината камата, оставајќи ја отворена можноста за дополнителен раст.

    Банките не останаа глуви на ваквите сигнали од страна на монетарните власти. Некои побрзо, некои побавно, но сите заедно ги зголемуваа постепено каматите, повеќе кај кредитите, а попретпазливо кај депозитите. Покрај каматата на благајничките записи на Народната банка, домашните банки за одредени кредитни производи се водат и од шестмесечниот ЕУРИБОР, односно од каматата која што се применува на европскиот меѓу банкарски пазар, а којашто исто така се зголеми и која што достигна 3,972 отсто, највисоко ниво од 11 ноември 2008 година.

    Ваквите трендови се рефлектираа и во најновиот извештај на Народната банка за движењето на каматните стапки на банките и штедилниците, објавен деновиве, а кој што се однесува на податоци за јуни годинава. Така, просечната камата на вкупните кредити што ги одобриле банките достигна 5,12 отсто и е за 0,03 процентни поени повисока во однос на мај. На годишна основа зголемувањето е 0,85 процентни поени.

    Ваквите збирни податоци до некаде ја заматуваат сликата, бидејќи ако се анализираат податоците за новоодобрените кредити за домаќинствата на пример, ќе се види дека просечната камата е 5,27 отсто, а за фирмите 5,26 отсто. Слично е и за новопримените депозити, каде што каматата за физичките лица е во просек 2,87 отсто, а за фирмите 2,11 отсто.

    Колку ваквата статистика ја одразува реалноста, особено ако се земе „здраво за готово“ податокот дека и покрај растот на каматите, кредитната активност е на „задоволително ниво“, како што се вели во официјалните извештаи. Односно, дали тоа значи дека граѓаните и фирмите можат да ги поднесат вака зголемените камати?

    Одговорот, секако, е негативен, бидејќи оние кои зеле кредит пред откочување на инфлаторната спирала, кога каматите беа на историски ниски нивоа, но со клаузула за променливи вредности, сега најмногу ја чувствуваат промената. Да не зборуваме за некој кој сака сега да земе кредит, било потрошувачки, или станбен. Неизвесноста прави два пати да мери, пред да пресече – дали да се задолжи или не.

    Истото се однесува и на компаниите, како на оние кои враќаат претходно земени заеми, така и на компаниите кои имаат планови за одредени инвестиции или потреба за тековно финансирање.

    Во сегашната ситуација не се добитници ниту оние кои имаат доволно пари и сакаат да штедат. Бидејќи, ако се спореди стапката на инфлација со каматите кои ги добиваат на орочените заштеди, излегува дека соодносот е најмалку 2,5 или три пати  во полза на инфлацијата. Тоа значи дека како и да се земе, заштедите реално се обезвреднуваат.

    Затоа и се вели дека инфлацијата е најголемиот данок којшто го плаќаат граѓаните и компаниите. Оттаму, заложбите на монетарните власти се насочени токму кон сузбивање на инфлацијата, а основен инструмент за тоа се каматните стапки.

    Граѓаните (и фирмите) во ваква ситуација се „меѓу чеканот и наковалната“. На оние на кои им се потребни средства, парите им се скапи, на оние пак, кои имаат да ги вложат, добиваат нереално ниска камата во споредба со инфлацијата.

    Објаснувањето е дека со ваква внимателна каматна политика, сепак, се избегнува поголемото зло, бидејќи во случај на нагло зголемување на каматите на ниво на инфлацијата би довело до неможност за враќање на кредитите и до колапс на целата економија.

    А, дека инфлацијата и каматите не се главоболка само кај нас, покажуваат и информациите од вчера за зголемување на каматната стапка од страна на Банката на Англија за 25 базични поени, на највисоко ниво во последните 15 години.

    Во САД, пак, каматните стапки на хипотекарните кредити (оние за купување недвижности), се искачија речиси до 7 отсто, не толку поради инфлацијата, туку поради минатонеделното зголемување на каматните стапки од страна на Федералните резерви и намалувањето на рејтингот оваа недела од страна на агенцијата „Фич“ на државниот долг на САД.

    Кај нас, за среќа кредитниот рејтинг не се влоши, но овој податок би бил многу порелевантен, ако како земја успеавме во изминатите децении барем малку да ја подобриме оцената кај агенциите за кредитен рејтинг. Вака, иако е стабилен („Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед), тој е толку низок и далеку од таканаречениот инвестициски кредитен рејтинг, што дополнително влијае негативно врз цената на задолжувањето, односно врз висината на каматите.

    Прогнозите во економијата се како нишанење во подвижна мета, па во сегашната ситуација кога има многу непознати во равенката, ретко кој се осмелува да предвиди до кога ќе трае трендот на зголемување на каматите. Нам ни останува само да веруваме дека и инфлацијата, а со тоа и каматите, ќе се намалат што поскоро и дека на таков начин, колку-толку ќе го одржиме стандардот и заштедите.

    Пишува: Мирче Јовановски

    Целиот текст е достапен на – независен.мк

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично