Реализација на проекти кои имаат додадена вредност, кои ќе имаат влијание на растот на БДП и од кои ќе имаат бенефит граѓаните е она што во моментот и треба на земјата. Проекти кои ќе значат пониски трошоци за компаниите и кои ќе им ги олеснат условите за водење бизнис.
Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Македонското радио осврнувајќи се на прашањето околу проектот за изградба на железничката пруга од Коридорот 8.
„Суштината е да ги добиеме истите услови и средства, како за Коридорот 8, само за друг проект. Крајната цел е да ги обезбедиме истите средства за пругата од Коридорот 10, како за пругата од Коридорот 8. Ирелевантно е на кој начин ќе се изразуваме. За граѓаните е важно и суштински што ќе добијат, односно да добијат проект, проект кој ќе има додадена вредност, да им заштедиме пари, бидејќи другиот проект од Коридорот 8, завршува во ткн. слепа улица. Терминолошки дали ќе се изразиме како нова апликација или ќе употребиме пренамена во суштина е тоа што го добиваме со Коридорот 8, истото го бараме за Коридорот 10. На граѓантие не им е важно дали е нова апликација или слично, нив им е важен бенефитот од самиот проект и во тоа е суштината“, истакна Димитриеска-Кочоска и додаде дека постои секојдневна комуникација и координација со премиерот и минитерот за транспорт и врски, особено околу реализацијата на крупните инфраструктурни проекти.
Како што појасни, целта е на компаниите во моментов да им се овозможи железнички транспорт на стока од пристаништето во Солун кое е поблиску и кое создава пониски трошоци за нив, а со реализацијата на проектот од Коридорот 10 дополнително да се намалат тие трошоците.
„Ова, потенцира, е важно и од аспект на цената на производите кои ќе ги извезуваат македонските компании во странство, а дополнителен предизвик кој стои пред оваа Влада е и декарбонизацијата која претстои. Затоа е праѓањето каква политика како Влада би воделе ако во моментов правиме нешто што нема додадена вредност за компаниите и не влијае на намалување на нивните трошоци.
Димитриеска-Кочоска потенцира дека ова не значи дека се спори проектот за изградба на железничката пругра од Коридорот 8, но смета дека треба да се работи на проекти кои ќе значат раст на БДП, кои ќе обезбедат ликвидност за сервисирање на обврските и за некој период од денес да можеме да размислуваме за Коридорот 8 и изградба на железницата.
Во интервјуто посочи дека за годината очекува проектираниот раст на БДП да биде поддржан преку реализација на проектите предвидени со ребалансот на локално ниво, односно преку општините, како и проекти во другите ресорни министерства и очекува посветеност во реализацијата.
Најави дека веќе се работи на подготовка на буџетот за 2025 година и дека предизвици се уште има од штетите што се направени и кои се надоместуваат со Ребалансот на Буџетот. Вели дека ќе се оди чекор по чекор и со сериозни мерки за фискална консолидација.