ПОВЕЌЕ

    Димитриеска-Кочоска на конференцијата на „Економист”: Дигитализацијата и АИ клучни за економскиот раст

    Време зa читање: 2 минути

    Дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста се клучни столбови и приоритети на економска и фискална политика на државата, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето воведно обраќање на денешната конференцијата на престижниот „Економист“, насловена  „The Economist MeetUp – The World Ahead”, која се одржува во Скопје.

    Во услови на глобални економски и геополитички неизвесности, забрзани технолошки промени и трансформација на економските модели, според министерката, ваквите настани се од суштинско значење за отворен и аргументиран дијалог меѓу носителите на политики, бизнис заедницата и меѓународните партнери, со цел заедничко креирање стабилна, конкурентна и отпорна економија.

    Димитриеска-Кочоска посочи дека Министерството за финансии и Владата се силно посветени на модернизација, иновации и одржлив економски раст, при што посебен акцент се става на надминување на долгогодишните структурни предизвици кои ја ограничуваат продуктивноста, конкурентноста и довербата во институциите.

    „Дигитализацијата значи поефикасни и потранспарентни институции, помалку бирократија, подобра наплата на јавните приходи и пофер деловна средина. Сајбер-безбедноста е предуслов за стабилен и сигурен финансиски систем, а вештачката интелигенција веќе отвора нови можности за индустријата, финансискиот сектор и пазарот на труд“,нагласи министерката.

    Таа додаде дека дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и јакнењето на сајбер-безбедноста се составен дел од Националната развојна стратегија 2024–2044, која претставува највисока долгорочна рамка за економски и општествен развој, насочена кон јакнење на конкурентноста, развој на човечкиот капитал и изградба на функционални и отпорни институции.

    Во однос на фискалната политика, министерката нагласи дека за периодот 2026–2030 година фокусот е ставен на постепена фискална консолидација, одржлива и дисциплинирана јавна финансиска рамка и истовремено задржување на високо ниво на капитални инвестиции, особено во инфраструктурата, дигиталната трансформација и поддршката на долгорочниот економски раст.

    На бизнис заедницата и на инвеститорите Димитриеска-Кочоска им порача дека Македонија е стабилна, предвидлива и подготвена за забрзан развој, со јасна визија, силна институционална поддршка и партнерски пристап кон инвестициите и иновациите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично