Официјалните девизни резерви бележат месечно намалување од 12,9 милиони евра. На крајот од ноември се на ниво од 3.907,7 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка. Еден месец порано изнесувале 3.920,6 милиони евра.
Најголемиот дел од нив, односно 56,6 отсто се пласирани во хартии од вредност. Следуваат валутите и депозитите со 32,9 и монетарното злато со 10,5 проценти.
Девизните резерви се дефинираат како средства кои се веднаш достапни и расположливи за монетарната власт. Исто така, се контролираат од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар. Пред се, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели.