Добивката на Дојче банк пред оданочување на крајот на минатата година беше речиси преполовена како резултат на намалените приходи од тргување, зголемените трошоци и повисоките провизии за нефункционалните кредити.
Една од најголемите инвестициски банки соопшти дека имала добивка пред оданочување од 319 милиони евра во четвртиот квартал, во однос на 599 милиони евра во истиот период минатата година.
Аналитичарите, пак, очекуваа добивката на светскиот кредитор да биде 407 милиони евра. Помеѓу октомври и декември, фиксниот приход и тргувањето со валути беа за 14 отсто пониски од пред една година, откако трговската активност на пазарите на капитал се намали. Трошоците за плати се зголемени за 30 отсто, со што вкупните трошоци се зголемени за повеќе од една четвртина.
Цените на акциите на Дојче банк пораснаа за три отсто во утринското тргување на берзата во Франкфурт.
Генерално, добивката на банката во текот на целата година во 2021 година изнесуваше 2,5 милијарди евра, што е највисоко ниво од 2011 година. Приносот на капиталот порасна на 3,4 отсто, но сепак е значително под осум отсто, што е целта на банката во 2022 година.
Дојче банк соопшти дека и годинава ќе продолжи исплатата на дивиденда во износ од 400 милиони евра. Исто така, банката планира да купи 300 милиони евра акции, што претставува нешто повеќе од еден процент од нејзината пазарна капитализација.
Извршниот директор на оваа банка, Кристијан Севинг, ја одложи дивидендата во 2019 година, кога најави радикален план за реструктуирање што ќе ја чини банката речиси девет милијарди евра.