Според податоците обезбедени од Еуростандард банка за состојба на 10 јули 2020 година вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени од Фондот за сигурување на депозити изнесува околу 4,4 милијарди денари, вели во интервјуто за МИА Борче Хаџиев, директор на Фонд за сигурување на депозити. Тој додава дека од таму ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4 проценти од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје.
Хаџиев по случувањата со „Еуростандард банка“, уверува дека депозитите на граѓаните се безбедни, а банкарскиот сектор е стабилен. Сепак, појаснува тој, депонентите-физички лица коишто имаат депозити во „Еуростандард банка“ АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамки на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице.