Од денес граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенција за станбен кредит од државата преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Министерството за финансии денес објави јавен повик, кој ќе трае заклучно со 31 август 2022 година, според кој граѓаните ќе можат да поднесат барање за државна субвенција на учеството или на месечната рата за купување на нов стан или изградба/купување на нова куќа.
Заинтересираните граѓани може да поднесат барање за субвенциониран станбен кредит во комерцијалните банки во земјава преку кои се спроведува проектот, а тоа се: НЛБ банка, Стопанска банка – Скопје, Шпаркасе банка, Стопанска банка – Битола, Силк Роуд банка, ТТК банка и Прокредит банка. Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.
Граѓаните можат да аплицираат за 6 различни модели кои нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе детали за моделите се наведени во прирачникот, објавен на веб-страницата на Министерството за финансии.
Каматната стапка согласно утврдените критериуми изнесува 2,9 % во првите 3 години и 3,9 % во четвртата и петтата година од отплатата на кредитот при изборот на варијантата за субвенција на месечната рата, додека кај моделот субвенционирање на учеството каматната стапка изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен Eурибор.
Согласно утврдените услови и критериуми, корисници на субвенциониран кредит може да бидат лица кои не се или се во брачна заедница, при тоа да не поседуваат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи се дефинирани на максимален износ од 900 евра за оние кои не се во брак и 1.300 евра за брачен пар. Продажната цена на станот што се купува со субвенционираниот кредит не треба да надминува 900 евра за метар квадратен и површина до 150 метри квадратни.
Државниот проект за субвенционирано решавање на станбеното пршање на македонаките граѓани, познат како „Купи куќа, купи стан“ се реализира 10 години. Досега се одобрени вкупно 2010 барања за субвенциониран станбен кредит, а одобрените кредитите се во вкупен износ од над 73 милиони евра, а одобрените субвенции изнесуваат 18,3 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии.