ПОВЕЌЕ

    Децениска изградба, секој километар на автопатот Кичево-Охрид чини по девет милиони евра – ревизорите со неповолно мислење за ЈПДП

    Време зa читање: 6 минути

    И покрај дополнителниот заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 проценти, делницата Кичево-Охрид не е изградена. Констатацијата на Државниот завод за ревизија се темели на извршената контрола на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за државни патишта за 2022 година.

    Тоа е најголем проект според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради. Се работи за 56,7 километри, а заклучно со декември 2022 година изнесува 31.597.364 илјади денари (приближно 512 милиони евра).

    „За изградба на 1 km од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра“, се вели во ревизорскиот извештај.

    Притоа, се посочува дека изградбата почнала во мај 2014, а за таа цел во јануари истата година бил склучен договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) воизнос од 505 милиони долари, а во декември 2019 склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

    „Од спроведениот теренски увид констатирале ревизорите дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба.

    Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево-Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите).

    До денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево-Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни ce и нови, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства“, запишале ревизорите.

    Исто така, утврдено е дека најголемиот дел од материјалните средства на ЈП за државни патишта, или 46 отсто – 55.048.838 илјади денари (близу 895 милиони евра) се во подготовка, се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор.

    „За дел од овие средства со ревизијата се утврди недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците.

    Притоа, поради појавени непредвидливи и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти – варијации, чии број се движи од една до 42 промени соодветно по проекти, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години. Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид“.

    Во извештајот е наведени делниците според нивната големина. За надградба и развој на патот Ранковце-Крива Паланка, во должина од 25,5 километри, се инвестирани 2.774.354 илјади денари (приближно 45 милиони евра). А, еден километар од автопатската делница Скопје-Блаце чини 362.978 илјади денари (речиси 5,9 милиони евра).

    Со најниска цена на чинење од 30.152 илјади денари (приближно 489 илјади евра) за еден километар е делницата Извор-Гарски мост на патниот правец Дебар-Кичево, со должина од 19 километри.

    Со ревизијата е утврдено дека 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од 14.430.650 илјади денари (приближно 234 милиони евра), иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на претпријатието не се соодветно признати како недвижности. Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотно-правни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта кои не се предадени на општините, изградена и непредадена автопатската делница Демир Капија-Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти. Овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година.

    „Констатирани се и состојби кои претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост. Имено, во периодот од 2015 до 2022 година направени се вложувања во проекти и недовршени градби, трошоци по основ на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други непознати трошоци, во вкупен износ од 1.924.211 илјади денари (приближно 31 милиони евра), за кои поради недоволни информации и/или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност“.

    Исто така, извршениот увид во деловните книги на претпријатието покажало дека 96 отсто од градежните објекти или 61.303.043 илјади денари (над 996 милиони евра) претставуваат линиски инфраструктурни објекти и не се евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти во Агенцијата за катастар на недвижности, поради тешкотиите во обезбедувањето на одобренија за употреба од Министерството за транспорт и врски.

    Ревизорите забележале и дека уплатените средства на сметката на ЈП за Државни патишта по основ на надомест за патната такса од регистрација на моторни возила, нецелосно ce трансферираат до општините. Од вкупниот приход остварен во периодот од 2016 до 2022 година, за 63 отсто помалку се распределени средства по општините, односно не се распределени 3.580.588 илјади денари или приближно 58 милиони евра.

    „Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, наведено е во извештајот на ДЗР.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично