Родителите и психолозите се загрижени: децата од генерацијата Алфа (родени по 2010 година) имаат сериозни проблеми во создавањето пријателства со нивните врсници. Нивното дружење, честопати се одвива без физички контакт, со комуникација преку социјални мрежи или гејминг. Физичките средби им будат нелагодност и анксиозност и често ги избегнуваат, а кај нив се забележуваат и потешкотии со концентрацијата, читањето и пишувањето.
Една неодманешна студија од Америка потврдува дека децата од генерацијата Алфа имаат потешкотии во склопувањето пријателства. Универзитетот во Мичиген направи истражување во кое биле вклучени родители од целата земја и како главна причина за недостатокот од спонтани средби меѓу децата од оваа генерација ја посочи дигитализацијата и променетата култура на однесување на децата. И европските родители, психолози и социолози се соочуваат со овој феномен, укажувајќи на социо- политичката реалност, интернетот и недостигот од простор за дружење и игра како главни „виновници“ за намалените физички контакти меѓу децата.
Швајцарските родители ги делат истите впечатоци за Алфа генерацијата, иако Швајцарија е позната како земја која посветува многу внимание на правилниот психофизички развој на младите, кои голем дел од своето време го поминуваат надвор. Школските активности вклучуваат планинарење, кампување, скијање, пливање и излети во природа. Швајцарските родители се познати и по силната рестриктивност по прашањето на користење на „паметни телефони“ и пристап на нивните деца до интернет содржините (голем број деца својот прв смартфон го добиваат дури на 11 или 12 години).
И покрај зголемената родителска контрола, осаменоста и недостатокот на пријатели е нешто што ги погодува и децата од оваа земја – укажува едно истражување кое опфаќа родители и деца од различни кантони.
Единаесетгодишната ќерка на 43-годишната мајка Мануела од Цирих во училиштето е често сама. „Иако е мошне весело и темпераментно девојче, таа не може да оствари никаква конекција со нејзините врсници“.
Родителите се сосема свесни дека поради нивната презафатеност децата се оставени сами на себе и препуштани на дигиталниот свет.
Тицијана (47), мајка на 10-годишно момче, смета дека пријателствата на децата се површни и недостасува директна интеракција.
„Син ми најчесто виртуелно се среќава со пријателите. Ако некогаш се видат, тогаш тоа е главно за да играат заедно видео-игри. Кога мојот син случајно ќе сретне пријател на улица, не знаат воопшто како да комуницираат. Понекогаш не се ни поздравуваат“.
Додека во нејзиното детство, како што вели во истражувањето, при дружењето децата споделувале радости и проблеми, се тешеле, си давале поддршка, кај сегашните деца тоа не се случува.
Пријателставата се важни за психичкото здравје на децата
Џејмс Вајс, директор на Советувалиштето за млади во Цирих, во својата работа како психотерапевт забележува големи проблеми во процесот на поврзување кај децата и тинејџерите од Алфа генерацијата.
Тој тврди дека има вистина во тврдењето дека појавата на социјалните мрежи одигра голема улога во отуѓувањето на младите, но си го поставува прашањето дали социјалните медиуми се причина или се само засилување на постоечките проблеми кај ионака несигурната и дезориентирана младина.
„Големото влијание на социјалите мрежи не можеме да го негираме. Но, мораме да сфатиме дека вистинските причини за овој тренд на отуѓување се во образованието и во воспитувањето“.
Швајцарската фондација за поддршка на правата на децата „Про Јувентуте“ посочува дека младите сакаат да го дефинираат и развиваат својот идентитет и својата припадност кон некоја група. „Пријателствата се важен заштитен фактор за психичкото здравје на децата: доколку недостигаат блиски врски, тоа може да води кон сомнеж во самиот себе и осаменост”, велат експертите од оваа фондација. Тие тврдат дека е најважно децата да имаат доволно простор и време за спонтани игри и да бидат подалеку од притисокот на очекувањата на возрасните и од социјалните мрежи.
Децата кои не се на интерет, се отфрлени од нивните врсници
Во Македонија се чини дека ситуацијата е уште поалармантна, поради комплексната и обременувачка општествено-економска состојба и поради слабата контрола на тоа колку младите поминуваат на своите мобилни телефони и компјутери.
Поради ова, забележани се мошне негативни ефекти врз менталниот, емоционален и бихевиоралаен развој кај генерацијата Алфа. Постои и стравување дека тие веќе имаат развиено зависност од социјалните медиуми и технологијата уште од најрана возраст.
Психолозите и педагозите забележуваат дека кај нив е воочливо намалено внимание и концентрација, поточно немаат никаков интерес за активности кои не се случуваат на екран. Лошата концентрација влијае на нивното поведение во училиштето и способоста за учење.
„Мојата ќерка има 10 години и како и сите нејзини врсници користи мобилен телефон со интернет. Одлуката таа да има мобилен телефон ја донесов поради потребата да имам увид во нејзиното движење надвор“, вели мајката Маја од Скопје.
Таа е задоволна што нејзиното дете и нејзините врсници сѐ уше уживаат во игрите надвор – во парковите и во школскиот двор, но забележува дека голем дел од овие игри се врзани за телефоните.
Децата од оваа генерација, кои не сакаат своето време и кога се надвор да го поминуваат на мобилен телефoн, честопати се отфрлени од другите деца: „Другарките на мојата ќерка и надвор играат некоја виртуелна игра на телефоните, додека таа не ја знае играта, а и нема интерес за тоа, но е исплашена како тоа да им го соопшти на другарчињата. Се чувствува поинаква и ѝ се јавува страв дека ќе биде отфрлена”.
Maja раскажува дека некои родители акивираат апликација наречена „родителска контрола“, со која на своите деца им го ограничуваат времето поминато на телефон, но забележува дека и покрај тоа, децата успеваат да се пробијат до интернет содржините и дека голем дел од оваа генерација има потешкотии со читањето и пишувањето.
„И ние родителите сме постојано на телефон и со тоа им даваме лош пример. Мојата работа, која често е „home office“, е врзана со интернет и со телефон, така што кога ќе ја искарам ќерка ми дека премногу време поминува на телефон, таа ми одговара – па и ти си на телефон. Тоа и создава една нереална слика дека телефонот е суштински дел од нас”.
Неизвесниот и небезбеден свет раѓа отуѓеност
Според Гешталт психологот и психотерапевт Ана Блажева, децата родени по 2010 година се родени во свет што се чини без перспектива и иднина, во комплексна социо-политичка реалност, кој постојано произведува нови закани, кризи и пукнатини во општествата и поврзаноста меѓу луѓето.
„Отуѓеноста се огледува во отсуството на контактот со себе и со природата, со врсниците и семејството, односно недостиг на поврзување преку тоа што сме видени, препознаени, прифатени и имаме размена. Лишувањето од поврзаност може да креира длабоко дисоцирани и десензитизирани личности. Дисоцираноста и десензитизацијата се првични заштитни механизми што имаат за цел привремено да нѐ заштитат од преплавеност и повреда, а тоа значи дека младите се чувствуваат исклучително слабо и ранливо пред светот”, вели Блажева.
Таа смета дека недостигот на сигурност во еден хаотичен свет креиран од возрасните, за младите се претвора во чувство на несигурност во себе.
„Како што се покажало во минатото, единствена надеж за светот е токму креативниот потенцијал на младите и свежината со која можат да донесат нови начини на обнова, поврзување и нови перспективи. Затоа, најдобро е да креираме простор во кој тие ќе имаат можност и дозвола за поврзување и креирање искуства што ќе овозможат враќање на довербата во себе и во светот. На тој начин ќе осознаат дека и кога се сами, се поврзани и припаѓаат на себе, на животот, на нивните заедници, но и на човештвото и природата, односно нешто што е поголемо од самите нас”.
Околу влијанието на социјалните мрежи врз отуѓувањето на младите од оваа генерација, Блажева укажува на една взаемна спрега помеѓу реалноста што ја живееме и интернетот: „Социјалните мрежи се повеќе одраз на тоа што се случува и надвор од интернетот, отколку простор што сам по себе е доволна причина за отуѓеност. Посредното комуницирање на социјалните мрежи, особено само преку текст и симболи е лишено од телесноста и посредноста на контактот, што може да остави уште повеќе простор за недоразбирање, проекција и комуникација што не резултира со поврзување. Сепак, тоа не е исклучено ниту во директната комуникација. Од друга страна, самата непосредна комуникација не значи добар контакт или поврзување. За усложнувањето или отежнувањето на поврзувањето повеќе влијание имаат другите социјални означувања и претпоставки, очекувања, анксиозности и недовербата, отколку просторот и алатките за комуникација”, вели Блажева.
Факти за Алфа генерацијата
Околу 67 % од Алфа генерацијата на возраст од 8-10 години поминуваат, просечно, повеќе од 4 часа на интернет.
Околу 43% од нив имаат таблет пред да наполнат 6 години, а 58% имаат паметен телефон пред да наполнат 10. Како резултат на тоа, тие се присутни на социјалните мрежи од најрана возраст.
Во поглед на интернет содржините, повеќе клонат кон куси, возбудливи содржини кои ќе им го зграпчат вниманието. „Ју Тјуб“ е најполуларна платформа кај Алфа генерацијата и на неа поминуваат просечно 84 минути дневно, консумирајќи не само забавни, туку и едукативни содржини.
„Тик Ток“ е втората популарна мрежа кај оваа генерација. Околу половина од вкупниот број корисници на „Тик Ток“ се 14-годишници.
Бидејќи се преплавени со вакви содржини, кај оваа генерација се јавува чувство на целосна доверба и дури воодушевување од креаторите на овие клипови и инфлуенсерите на социјалните мрежи и нивните препораки. Забележан е и тренд дека оваа генерација трага по информации главно на социјалните мрежи, а не на пребарувачките машини.
Генерацијата Алфа е длабоко навлезена во гејмингот. Играта „Роблокс“ е посебно популарна платформа, која им овозможува да креираат виртуелни светови во интеракција со другите учесници во играта.
Иако е сѐ уште тешко да се изведат конкрети заклучоци за влијанието на технологијата врз психофизичкото здравје на децата од оваа генерација, забележано е дека кај родените во периодот на Ковид-пандемијата веќе се забележуваат некои проблеми во однесувањето. Бидејќи локдаунот ја превенираше социјализацијата и доведе до зголемена излеженост на екраните, многу од овие деца покажуваат заостанување во социјалниот и во емоционалниот развој.
новинар: Мимоза Петревска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)