
Дебарски Бањи – Цапа АД Дебар, еден од најпрепознатливите здравствено-рекреативни центри во Македонија, со децении ја комбинира традицијата на бањско лекување и медицинска рехабилитација со хотелско-угостителска дејност, поставувајќи се како столб на здравствениот туризам во земјата.
Од податоците за првите девет месеци од 2025 година од Македонска берза се гледа дека Дебарски Бањи – Цапа АД Дебар бележи постепено подобрување на финансиските резултати во однос на претходната година и дека компанијата влегува во поактивен и поуспешен дел од сезоната. Вкупните оперативни приходи за периодот јануари–септември 2025 година изнесуваат 146,8 милиони денари (2,3 милиони евра), што е раст од 6,9% во однос на истиот период во 2024 година кога биле 137,3 милиони денари (2,2 милиони евра).
Паралелно со тоа, вкупните оперативни расходи изнесуваат 135,8 милиони денари (2,2 милиони евра), што е зголемување од само 2,7% во однос на минатогодишните 132,2 милиони денари. Тоа укажува на подобра контрола на трошоците и поефикасно управување со ресурсите во однос на приходниот раст.
Како резултат на тоа, оперативната добивка (EBIT) значително пораснала и изнесува 10,99 милиони денари (178,8 илјади евра), во споредба со 5,03 милиони денари (81,7 илјади евра) остварени во истиот период лани – раст од над 118%. Ова е јасен сигнал дека компанијата ја стабилизира својата основна дејност и дека трендот на подобрување, забележан во првото полугодие, продолжува и во третото тримесечје.
Во структурата на расходите, најголем дел се трошоците за услуги (73,99 милиони денари) и материјални трошоци (46,7 милиони денари), кои остануваат стабилни во однос на минатата година. Забележително е значителното зголемување на категоријата „останати трошоци“ (од 5,5 на 9,4 милиони денари), што може да укажува на дополнителни вложувања во одржување, маркетинг или зголемени комунални давачки.
Иако компанијата сè уште нема целосно закрепнато по периодите на негативни резултати од претходните години, растот на оперативната добивка и контролата на расходите претставуваат позитивен сигнал за менаџерски напредок и подобрена ликвидност. Со оглед дека главната сезона за бањскиот туризам вообичаено се протега во лето и рана есен, овие бројки најверојатно ги одразуваат плодовите од тој период.
Во поширок контекст, Дебарски Бањи – Цапа, со својата долга традиција, лековити минерални води и медицински програми, останува значаен бренд во македонскиот здравствен и рекреативен туризам.
Аналитика








