Данокот за додадена вредност е еден од најуспешните проекти спроведени во државата. Доколку и другите закони беа на тоа ниво, Македонија одамна ќе беше дел од Европската унија. Ова е ставот на даночниот експерт Славко Лазовски, кој се осврнува на 25-годишнината од воведувањето на ДДВ во даночната практика, но и на слабостите забележани во тој временски период.
„На 1 април се навршија 25 години од воведувањето на данокот на додадената вредност (ДДВ) во Македонија. Македонија се нареди меѓу земјите кои најуспешно го воведоа овој вид данок. Со тоа ја покажа својата способност за спроведување на европските правила и стандарди без остапувања и некакви ‘прилагодувања’.
Воведувањето на ДДВ е најуспешниот проект не само меѓу даноците, туку и еден од најуспешните проекти воопшто спроведен во Македенија во изминатите 35 години. Со воведувањето на ДДВ го направивме најголемиот чекор кон ЕУ, а по овој вид данок заличивме барем малку на Европјани“, вели Лазовски во својот „Фејсбук“ статус насловен – „На даночниот врв – МОЛК!?“, веројатно како критика што овој своевиден јубилеј воопшто не беше споменат.
Овој Закон е „обденица“ во севкупната домашна законска регулатива, смета Лазовски, укажувајќи дека неговата примена позитивно се одразила врз работењето на УЈП, иако можело да биде и многу подобро:
„Точна е оценката дека повеќе внимание посветивме на Законот, на неговиот квалитет како текст, а помалку на подгвотвеноста на даночното тело – УЈП и на даночната администрација кај даночните обврзници. Но, и УЈП со примената на ДДВ направи чекор напред од 7 милји. Можеби можеше да додаде уште некоја милја. Самиот текст на Законот е македонски врв на квалитетен закон. Доколку сите закони би биле на ниво на Законот за ДДВ, Македонија одамна ќе беше членка на ЕУ. Да се послужам со речникот на мојот омилен писател Петре М. Андреевски, Законот за ДДВ е обденица во даночната и не само во даночната регулатива. Но, денот не испадна онака како што го најавуваше утрото. Знам дека многу мои колеги и колешки ќе речат: ‘Дојдоа Гeрманците и ви ги направија Законот’. Да, точно, но Германците дојдоа и за многу други закони, но ништо или малку направивте“.
Како најголема слабост на ова законско решение, Лазовски посочува на извозот, кој не го добил очекуваниот импулс:
„Законот за ДДВ има и одредени слабости. Најголема слабост покажа што не му даде силен поттик на извозот. Можеби причинитe се на некое друго мeсто, можеби причина беше задоцнетата примена поради определбата низ подолгите подготовки да се дојде до поквалитетен закон. Сигурно, Законот има одредени слабости кои ќе ги видиме во некој следен период“.
Навраќајќи се на повеќегодишниот период во кој се изведувале подготовките, тој посочува:
„Самите подготовки траеја околу шест и пол години, можеби предолго. Но, самиот факт што бевме меѓу Словенија и Храватска, меѓу поранешниете републики на СФРЈ кои ги отпочнаа подготовките за воведување на ДДВ, е значаен факт. Најголемата техничка помоиш дојде од Германија, а интересно е што во Словенија техничка помош даваа експертите од Сојузното министерство за финансии на Германија, во Хратаска подготовките ги водеа универзитетски професори, а во Македонија дојдоа пензионирани германски службеници. Па така, Словенија најбрзо и најцелосно ги вгради најактуелните новини во регулативата на ЕУ, Хрватаска ги вгради најдобрите антиципативни решенија, а во Македонија добивме најдобар занаетски стегнат Закон.
Уште еден интересен факт – кога беше објавено дека Македонија се подговтвува за воведување на ДДВ и на чело на Комисијата за воведување беше назначен академикот Ксенте Богоев, за тоа пишуваше и ‘Tax Planning’. Веднаш потоа ‘долетаа’ колеги од министерствата за финансии на Словенија и Бугарија за да видат што тоа прави Македонија. Кој дру проект побуди такво внимание?“.
Силната определба – целосно да се спроведат европските правила во оваа област, Лазовски ја оценува како клучна за успешното воспоставување на данокот на додадена вредност:
„Основата на успешното воведување на ДДВ во Македонија лежи во цврстата определба да ги спроведеме во целост правилата на ЕУ, а да не се оди на прилагодени решенија под изговор за некоја наша посебност, а под тоа да се кријат одредени интереси. Нашата посебност се изразуваше со темелните подготовки и со највнимателен избор на редоследноста во внесувањето на правилата. И, резултатот беше изразен не само со добрите оценки на меѓународните институции, туку со остварување на три и пол пати поголеми даночни приходи од данокот што го замени. Сосема логично, министерот за финансии, во чијшто мандат се воведе ДДВ, стана премиер, единствен досега меѓу министрите за финансии“.
Добрата даночна приказна не треба тука да заврши – порачува Лазовски, кој зад себе има долга даночна кариера реализирана во Министерството за финансии.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








