Даночната недисциплина и натаму претставува сериозен фискален предизвик. Од 5.916 должници државата бара 201,8 милиони евра. Само за даноци и придонеси ‒ 198,3 милиони евра, додека износот на неплатените царински давачки е 3,5 милиони евра. Обврските требало да се подмират до 30 септември, но до крајот од 2025 година не биле регулирани. На последната листа на должници што Управата за јавни приходи ја објави на 9 јануари, посочено е дека меѓу нив се 2.032 фирми.
Најголемиот товар го носат десет компании, а меѓу нив се и две јавни претпријатија. Долговите се концентрирани и по географска линија и по вид данок. Од анализата што Пари ја направи во соработка со Бизнис Мрежа произлегоа две високи бројки. Десетте најголеми должници треба да платат вкупно 57,7 милиони евра. Износот од десетте градови каде што се лоцира најголема задолженост кон УЈП е 170,5 милиони евра.
Речиси целиот долг што е регистриран кај првите десет фирми на должничката листа е акумулиран врз база на ДДВ. По таа основа државната каса е покуса за 54 милиони евра. Притоа, како причини за неможноста да се пополни фискалниот јаз, може да се посочат системските проблеми со (не)ликвидноста или со (не)дисциплината во наплатата.
ДВЕ ФИРМИ ГО НОСАТ РЕЧИСИ ПОЛОВИНА ОД ДОЛГОТ
Најголемиот долг од 14 милиони евра, целосно по основ на неплатен ДДВ, е во „сопственост“ на Хант Осој Трејд ДООЕЛ Скопје, фирма што подолг период ја предводи оваа листа. Следена е од Окитна Трејд, која должи 13,8 милиони евра. Нивниот заеднички долг зафаќа 48,35 отсто од вкупните обврски на евидентираните фирми на листата топ 10 должници. Впрочем, овие две компании своевремено беа тема за прес-конференции на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се укажуваше дека се работи за нелегален поврат на ДДВ и за организиран криминал.
Веќе третопласираната Пине Груп има значително помали ненамирени обврски, од 5,1 милион евра, од кои 4,8 милиони евра се за ДДВ, а дополнителни 292 илјади евра за данок на добивка. Сличен профил има и Грофлер ЛТД (4,6 милиони евра), при што ДДВ повторно е доминантната ставка.

Извор: Бизнис Мрежа
По останатите основи, десетте фирми доцнат со плаќањето на данокот на добивка од 2,5 милиони евра, како и со плаќањето на даноците и придонесите на плати од 1,1 милион евра. Другите ненамирени давачки (царина, ДДВ при увоз и ПДД по други основи) се со многу пониски износи што се движат од 10 до над 30 илјади евра.
Исто така, на листите од УЈП, во „ударната“ десетка постојано е присуството на два субјекта што работат со јавни средства и обезбедуваат основни услуги. Станува збор за јавните комунални претпријатија од Гостивар и од Тетово. Притоа, се наметнуваат и прашањата за финансиската одржливост на локалните јавни услуги и за одговорноста на општините.
ЈП Комуналец – Ц.О. Гостивар има вкупен долг од 2,9 милиони евра. Обврските за ДДВ се во износ од 1,8 милиони евра; 608 илјади евра се за данок на добивка; а 531 илјада евра за даноци и придонеси на плати.
Слична е состојбата и кај ЈКП Тетово, со долг од 2,5 милиони евра. И во овој случај повторно се издвојуваат обврските за ДДВ (1,7 милиони) и за плати и придонеси.
ДОЛЖНИЧКА АКУМУЛАЦИЈА ВО СКОПЈЕ
Податоците за должничката концентрација упатуваат на главниот град. Фирмите неплаќачи со адреса во Скопје имаат ненамирени обврски од 108,2 милиони евра. Тоа се речиси две третини (63,46 насто) од вкупниот долг на топ 10-те градови.
Воедно, само во Скопје долгот е трицифрен. Два града се со долг од над десет милиони евра: Струмица (16,9 милиони евра) и Куманово (11,3 милиони евра). Во првата половина од оваа градска листа се и Тетово, со 9,2 милиони, и Неготино, со 6,7 милиони евра.
Најниска акумулација на долгот кон УЈП, од 2,4 милиони евра, е забележана во Кавадарци и во Струга. На оваа листа се и Гостивар (5,9 милиони), Охрид (4,9 милиони) и Гевгелија (2,6 милиони), односно јасно е дека даночниот долг не е појава само во поголемите економски центри.

Извор: Бизнис Мрежа
Недисциплината присутна во даночната сфера повлекува сериозни фискални ефекти. Механизмите за надминување и за средување на состојбите се кај најголемиот губитник – државата.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








