ПОВЕЌЕ

    ДАНОЧЕН ДОЛГ ОД 191 МИЛИОН ЕВРА ИМААТ 2.049 ФИРМИ – 75 насто се за неплатен ДДВ

    Време зa читање: 6 минути

    Долг од 191,1 милион евра имаат 2.049 фирми и јавни претпријатија кон Управата за јавни приходи, произлезен од неплатените давачки за данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси, царини, акцизи. Последната листа на должници (бр. 12/2025) што опфаќа долгови доспеани до 31 август, а ненамирени заклучно со 30 ноември, е подолга од претходната, односно зголемен е бројот на субјектите коишто поради одредени причини не се придржуваат до поставениот законски рок.

    Најголемиот дел од нереализираните обврски или 75 насто се во доменот на данокот на додадена вредност. Износот од 142,6 милиони евра е јасен сигнал за присутните проблеми во наплатата.

    Должници се и 4.088 физички лица. Кога ќе се соберат сумите, УЈП вкупно бара 201,5 милиони евра. Анализата што Пари ја направи во соработка со Бизнис Мрежа ги опфаќа само компаниите.

    Меѓу десетте најголеми должници, чии обврски изнесуваат 57,3 милиони евра, доминира неплатениот ДДВ од дури 54 милиони евра. Всушност, сите тие имаат долг по таа основа.

    Листата веќе подолг период ја предводат Хант Осој Трејд и Окитна Трејд, кои имаат поединечни долгови од 14 милиони, односно 13,8 милиони евра, исклучиво по овој данок. За нив претставниците на сегашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференции тврдеа дека имало нелегален поврат на ДДВ, дека се работи за организиран криминал и прашуваа зошто фирмите се ставаат на должничките листи, а нема отворени предмети во ОЈО.

    Во групата најголеми неплаќачи пет фирми се од Скопје, две се од Струмица, а по една има од Куманово, Тетово и Гостивар. Осум се со комбинирани долгови, а забележливо е дека по данокот на додадена вредност, најголеми отстапки во плаќањата има кај данокот на добивка. Во таа десетка се и две јавни претпријатија. Гостиварскиот Комуналец (2,9 милиони евра) и тетовското Јавно комунално претпријатие (2,5 милиони евра), кои заостануваат со обврските по данок на додадена вредност, данок на добивка и ПДД на плати и придонеси, што дополнително го отвора прашањето за финансиската дисциплина и одржливоста на јавните услуги на локално ниво. 

     Извор: Бизнис Мрежа

    ДЕСЕТ ФИРМИ ДОЛЖАТ 54 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДДВ

    Од споменатите 54 милиони евра, колку што е заедничкиот долг по основ на ДДВ на топ десетте фирми, 42,1 милион евра се лоцираат кај тие со адреса во Скопје. Станува збор за пет компании и една подружница на чешката фирма СГСМ-Оил&Гас сервис. Двоцифрен е долгот на двете фирми од челните позиции, а останатите се движат од 3,2 милиони (чешката подружница) до 4,8 милиони евра (Пине Груп).

    Струмичките фирми Дианита (5 милиони евра) и Минтикос Текстил (2,6 милиони евра) се на третото и петтото место. Списокот на најголеми ДДВ-должници се заокружува со сумата од 1,9 милиони евра направена од подружницата во Кратово на турската компанија Спектра Јеотек Санаји ве Тиџарет Аноним Ширкети Анкара.

    Инаку, првите пет рангирани, во кои спаѓа и Грофлер со неплатените 4,3 милиони, носат повеќе од две третини од вкупната сума. Од овие десет, седум фирми се од дејноста производство, трговија и услуги.                                                                            

    Извор: Бизнис Мрежа

    ВО КОИ ГРАДОВИ ФИРМИТЕ НАПРАВИЛЕ НАЈГОЛЕМИ ДОЛГОВИ ЗА ДДВ?

    Во 68 градови и населени места низ државата се распоредени фирмите коишто во законскиот рок не ги намириле обврските за ДДВ. Со оглед на тоа што бизнисите најчесто се водат од и во Скопје, не е изненадувачки податокот дека 60 насто од долгот е сконцентриран тука. Во апсолутен износ – 85,5 милиони евра од вкупно 129,2 милиони евра, колку што се регистрирани во десетте градови коишто поради неплаќачите се водат како центри каде што има најголеми долгови за ДДВ.

    Во тој ред се: Струмица, со долгови на фирми за ДДВ од 12,2 милиони, Куманово со 6,7 милиони, Тетово со 6,4 милиони и Неготино со 5,8 милиони евра. Во втората половина од табелата долговите се движат од 1,8 милиони во Кавадарци до 4 милиони евра во Охрид.

    Евидентирани се уште четири износи што се на и над прагот од еден милион евра. Станува збор за долговите на компаниите од Битола и од Липково, со по 1 милион, Кичево со 1,1 милион и Гевгелија со долг од 1,5 милиони евра. Прилепските фирми неплаќачи заостануваат со 967,1 илјада евра.

    Има големи разлики меѓу поголемите и помалите градови и населени места, во кои се воочуваат симболични износи. На пример, наспроти милионските суми, неплатениот ДДВ-долг во Јегуновце е 422 денари или нецели седум евра!

    Извор: Бизнис Мрежа

    И ДРУГИТЕ ДАВАЧКИ ГО ЈАДАТ БУЏЕТОТ

    Кога се имаат предвид давачките кон УЈП и кон државата – данок на додадена вредност, данок на добивка, придонеси, царини итн…, се доаѓа до долгот од 191,1 милион евра што е на товар на 2.049 компании коишто дејствуваат во 71 град и населено место во Македонија.

    И на градската должничка листа, фирмите во Скопје се убедливо на врвот со вкупен долг од 107,7 милиони евра, кој претставува 56,4 насто. Во конкуренцијата, пак, на табелата топ 10, каде што вкупниот износ е 171,7 милиони евра, имаат придонес од 62,7 насто.

    Далеку зад главниот град се ненамирените обврски на фирмите од Струмица, кои должат 16,8 милиони евра. Фирмите во Куманово должат 10,6 милиони евра.

    Најниски на оваа табела се износите што навреме не ги платите фирмите од Гевгелија и од Кратово, по 2,3 милиони евра, кои го делат десеттото место.

    Како милионски должници на генералната листа се рангираат фирмите од Битола и од Дебар со по 1,8 милиони, Прилеп со 1,5 милиони, Кичево со 1,4 милиони и Кочани со 1 милион евра.

    На дното повторно е Јегуновце со вкупни долгови на фирми од пет илјади евра. Над него се компаниски долгови во Пласница со 5,4 илјади, и во Конче со 5,9 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    И приватните фирми и јавните претпријатија имаат проблеми со плаќањето на давачките, што потоа се рефлектира прво во локалната, па во економијата во целина. Даночниот долг носи ризик за јавните финансии. Тоа што најголемите долгови се од сферата на ДДВ, не е само знак за слаба ликвидност, туку и на даночна (не)дисциплина и недоволно ефикасни механизми на државата.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично