Можеби сте ја слушнале изреката „Сега може да накриви капа“. Во преносно значење: Некому добро му тргнало, сѐ му е супер и му останува само да накриви капа и да оди и да прави што сака. Дали општините со богати фирми може да ја накриват капата? Порталот Пари ја анализира регулативата, ги бара одговорите за финасирањето на општините, но во овој изборен период ви овозможува да го прочитате и серијалот кој го отпочнуваме, а во кој ќе бидат претставени ТОП 10 компании по приход, добивка и вработени во 17 скопски општини.
Општините имаат сопствени извори на приходи, дотации од централниот буџет и задолжување. Во сопствените приходи влегуваат: локалните даноци (данок на имот, на промет на недвижности и слично), потоа локалните такси (комунални, административни), локални надоместоци (надоместок за уредување градежно земјиште, надоместоци од комунална дејност), потоа приходи од сопственост (приходи од закупнина, од камати, од продажба на имот), па следуваат приходи од донации, парични казни, самопридонес и слично. Општините не можат да преживеат без парите од централниот буџет, кои ги добиваат како дотации. Тука влегуваат: приходи од ДДВ, наменска дотација за финансирање конкретна активност, капитални дотации за финансирање инвестициски проекти, блок дотација за конкретни програми и дотација за делегирана надлежност од орган на државната управа кон градоначалникот.
Каде овде е местото на компаниите? Одговорот се чита меѓу редови: ако се отвори некоја нова фирма – од комуналиите што се плаќаат, од разни парафискални давачки што ги плаќаат компаниите. Може да има влијание и процентот од данокот на личен доход, ако компанијата има политика да вработува луѓе од своето опкружување. Затоа што делот од данокот на личен доход се зафаќа според адресата на живеење на вработениот. Значи, богатите компании, според регулативата, не се некој поголем конзистентен извор на приход на општините. Секако, тука во игра може да се стави општествената одговорност, затоа што има компании кои знаат да ѝ вратат на општината во која работат, а тоа е поизразено во помалите места.
Можеби најважниот приход што го добиваат општините е износот од централниот буџет како процент од ДДВ. Општините од 1 јануари 2024 година добија зголемување на делот од ДДВ, така што добиваат 6 проценти од наплатениот ДДВ во претходната година. Индивидуалниот износ зависи од населенито, но и од умешноста на општината во искористувањето на парите за капитални проекти, како и за стимул за рамномерен регионален развој. Така, она што како основа се распределува е 4,5 отсто од ДДВ, а по 0,75 проценти се за успешноста и за рамномерниот развој.
Данокот што физичките и правните лица го плаќаат на општината според стапка утврдена со закон, се нарекува локален данок и е еден од најважните сопствени извори на финансирање. Во оваа категорија спаѓаат данок на имот, данок на наследство и данок на промет на недвижен имот, но во изминатиов период дел од општините беа остро критикувани во однос на ниското ниво на наплата на данокот на имот.
Општините остваруваат приходи од данокот на личен доход наплатен во тековната година. Приходите се распоредуваат по општини, шест проценти од платите на физичките лица наплатени во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште и 100 проценти од данокот на личен доход на физички лица што се занимаваат со занаетчиска дејност, регистрирани согласно Законот за занаетчиство, на чиешто подрачје се регистрирани за вршење дејност.
Финансирањето е регулирано со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, а годишно се носи и Уредба за методологија за распределба на приходи на данок на додадена вредност по општини.
Редакција Пари