Државниот загубар „Македонска пошта“ доби нов директор. Првиот човек на огранокот на „Алтернатива“ ,Орхан Куртиши, од Куманово е нов директор на АД „Македонска пошта“. Тој на назнаувањето на оваа позиција вети дека оваа задача ќе ја извршува со одговорност, чест и посветеност во служба на граѓаните. Негов заменик ќе биде Николчо Угринов од Струмица.
Во меѓувреме вкупната загуба на „Пошта“ се продлабочува, минатата година остварила нова загуба од 2,2 милиони евра, според податоците на „Бизнис Мрежа“. Во 2022 година, пак, загубата била уште поголема и изнесувала 3,7 милиони евра. Заклучно со 2018 година, според последниот ревизорски извештај на Државната ревизија, акумулираната загуба била 10 милиони евра.
Лошата финасиска состојба е долгорочен проблем на АД „Пошта на Северна Македонија“. Нејзиното работење е проследено и со низа скандали, загрижувачки наоди од ревизорите, штрајкови на вработените. Прашањето е дали сега со новото раководство „Пошта“ ќе може да исплива од сите проблеми?
Претходната влада најавуваше и нејзина продажба. Но, работите одат само на полошо. Се трупаат административци, а на терен ретко има кој да работи. Во „Пошта“ има дури 1.850 вработени и пак нема кој да носи писма, пратките доцнат, па многу пати и воопшто не стигнуваат. Како што неофицијално дознаваме, ова многу ги разлутило и „Али експрес“ и „Али Баба“ кои имале сериозни разговори со нашата пошта, а исходот може да биде загрижувачки.
Ланските податоци покажуваат дека „Пошта“ направила промет од дури 20,5 милиони евра, а тоа е за 5,1% повеќе отколку во 2022 година, кога имала промет од 19,5 милиони евра, што покажува дека се прават бесмислени трошоци со оглед на акумулираната загуба.
Сериозноста на состојбите во која се наоѓа „Пошта“ ги доведе под знак прашалник опстојувањето на компанијата, зачувувањето на работните места на вработените и егзистенцијата на нивните семејства.