Ако на почетокот од 2025 година главното прашање во инвеститорската јавност беше дали македонската берза ќе успее да ги повтори рекордите од 2024 година, сега, по истекот на првите седум месеци, веќе можеме да зборуваме со конкретни бројки, кои покажуваат дека одредени параметри не само што се повторуваат, туку и ги надминуваат ланските.
Индексот МБИ10, кој ги следи цените на најликвидните акции, годинава бележи уште повисока вредност од истиот период во 2024 година. На 31 јули МБИ10 имаше вредност од 10.454,36 поени, додека на истиот датум лани бил позициониран на 8.480,61 поен. Ова е показател за силен раст на вреднувањето на најголемите котирани компании. И бројот на реализирани трансакции на берзанските пазари е во пораст, што зборува за засилена трговска активност и интерес од страна на инвеститорите. За седум месеци оваа година се реализирани 12.962 трансакции, а во истиот период лани имало 12.933 трансакции.
Извор: Македонска берза
Но, кога ќе се погледне вкупниот промет, се забележува мала нијанса надолу. За седум месеци лани биле истргувани хартии во вредност од 4,1 милијарда денари, а годинава од 3,95 милијарди денари. Драстично е намален бројот на истргувани хартии од вредност ‒ за седум месеци оваа година се истргувани 1.474.561 хартија, а во истиот период лани дури 195.823.599 хартии. Причината не е намалената активност кај акциите – напротив, тргувањето со акции останува стабилно – туку отсуството на државни и општински обврзници. Тие беа значителен двигател на обемот во 2024 година, а нивното отсуство оваа година ја менува сликата.
Извор: Македонска берза
И покрај тоа, најинтересниот дел од оваа берзанска приказна доаѓа кога ќе се направи споредба не со минатата година, туку со 2020 година. Тоа беше година на глобален шок, кога пандемијата од КОВИД-19 ги парализираше економиите. Но, дури ни тој турбулентен почеток не ја спречи Македонската берза да реализира трговија со акции вредна над 4,58 милијарди денари, со вкупно 16.073 трансакции и 1.661.481 истргувана хартија од вредност – сите податоци од првите седум месеци во 2020 година.
Извор: Македонска берза
Иронично или поучно, и покрај рекордниот МБИ10, 2025 година не може да се пофали со толкава трговска активност. Излегува дека пазарот бил подинамичен кога цените биле далеку пониски, а неизвесноста многу поголема. Според податоците, вредноста на индексот МБИ10 во 2025 година е над двојно повисока од таа во 2020 година ‒ на крајот од јули изнесуваше 4.289,51 поен. Тоа значи дека акциите, барем најликвидните, значително поскапеле. Но, тука лежи и дел од одговорот зошто вкупниот број на истргувани хартии е значително понизок ‒ истата количина на пари денес купува многу помал број акции. Повисоките цени ја намалуваат фреквенцијата на трговија, особено кај инвеститорите што чекаат поволни влезни позиции.
Извор: Македонска берза
Вредноста на МБИ10, со мали флуктуации, е во постојан пораст оттогаш. Но, кај вредноста на прометот и бројот на трансакции и количина на истргувани хартии од вредност има многу поголеми осцилации. Во првите седум месеци од 2021 година се истргувани хартии во вредност од 3,77 милијарди денари, во 2022 од 3,38 милијарди денари, а во 2023 најмалку, во вредност од само 1,6 милијарди денари.
Во однос на бројот на трансакции, иако оваа година има мал пораст од лани, уште не се враќаме на бројките од пред пет години, кога беа остварени 16.073 трансакции. Тоа говори дека интересот можеби расте, но не е раширен. Пазарот се движи, но главно благодарение на неколку носечки компании и профилирани инвеститори.
Сепак, Македонската берза покажува зрело и стабилно лице. Индексот расте, трговијата е солидна, а структурните слабости се веќе добро познати – мала понуда на хартии, плиток пазар и отсуство на нови емисии. Но и покрај тоа, секоја година носи нови поуки
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска