ПОВЕЌЕ

    ДАЛИ ЌЕ ОСТАНЕ МАКЕДОНИЈА ИМУНА НА НАФТЕНАТА КРИЗА: РКЕ се надева на стабилизација, но сценариото е неизвесно

    Време зa читање: 3 минути

    По утринските напади на Израел врз територијата на Иран, светските берзи регистрираа скок на цената на суровата нафта, што неминовно ќе има влијание и врз македонскиот енергетски пазар. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, предупредува дека иако моменталниот ценовен раст може да биде само пик, доколку конфликтот продолжи, можно е поскапување и за потрошувачите во земјава.

    „Утрово цената на нафтата од типот бренд беше зголемена за шест до седум долари, што е сериозно движење на берзите“, изјави Бислимоски од Охрид, каде што учествуваше на панел-сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“.

    Според него, за следната недела нема индиции за драстични промени во малопродажната цена на нафтените деривати, но ако високите цени се задржат подолг период, тоа ќе се одрази и кај македонските потрошувачи.

    Бислимовски потсети дека слична ситуација се случи и при почетокот на војната во Украина, кога цената на дизелот достигна дури 110 долари за барел. Иако потоа следуваше стабилизација – со просечни вредности од 65 до 68 долари – ефектите од тогашните скокови останаа на домашниот пазар.

    „Денеска дизелот чини 66–67 денари за литар, но цените на многу производи што тогаш поскапеа не се вратија назад. Затоа не верувам дека сегашната состојба ќе предизвика драматично влијание врз цените на останатите продукти“, додаде тој.

    Иако геополитичките тензии на Блискиот Исток создаваат неизвесност на глобалните пазари, Бислимоски останува воздржан оптимист. Смета дека ценовниот раст што се регистрира утрово, кога барелот достигна 78 долари, е можеби само краткорочен ефект, кој нема да има долгорочни последици.

    „Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и цените ќе се стабилизираат, како што беше случај со Украина. Треба да се следи ситуацијата ден по ден“, порача претседателот на РКЕ.

    Иако мала и енергетски увозна земја, Македонија директно ги чувствува глобалните шокови. Секој долар повеќе на светската нафтена берза е причина за корекција на цените кај нас. Но, истовремено, земјата веќе има искуство со енергетски турбуленции – искуство што сега може да послужи како стабилизирачки механизам.

    „Цените кај нас ги следат светските трендови, но одлуките ги носиме внимателно. Доколку се потврди долготраен раст, ќе мора да реагираме,“ заклучи Бислимоски.

    Со други зборови, Македонија е подготвена да плови низ нови бранови на глобалната нафтена криза – надевајќи се дека оваа бурна епизода ќе заврши пред да стане финансиска вистина на бензинските пумпи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично