ПОВЕЌЕ

    Дали граѓаните со своите картички ги зголемија профитите на трговците?

    Време зa читање: 4 минути

    Рекордните цени донесоа и рекорден износ на пари свртени со платежните картички од македонските граѓани во земјава и во странство. Но, високите цени веројатно не се единствениот фактор што ги принудува граѓаните да трошат повеќе пари. Тука се и нивните желби и навики да си дозволат поквалитетен живот, потреба којашто особено се наметна по КОВИД-пандемијата, која нѐ научи дека животот треба да се живее. Па, така, македонските граѓани по кризата соборуваат рекорди со своите картички, а со тоа придонесуваат трговците да соборуваат рекорди со своите профити.

    Додека економијата се бори со рекордните скокови на цените, еден тренд не престанува да расте – платежните трансакции со картички. Од 2018 до 2024 година, износите на повлечена готовина на банкомат и на плаќањата со картички на ПОС-терминали и на интернет постојано се зголемуваат. И тоа не само во земјава, туку рекордно високи се и плаќањата со македонски картички во странство.

    Како македонските потрошувачи се приспособуваат на новата економска реалност и како се справуваат со инфлаторниот удар?

    Извор: Народна банка

    Статистичките податоци од Народната банка на Македонија покажуваат дека во првите девет месеци од 2024 година граѓаните на банкомат повлекле 147 милијарди денари, а во истиот период во 2023 година повлекле 131 милијарда денари.

    Извор: Народна банка

    Во трговија со картички за девет месеци од 2024 година потрошиле 93,5 милијарди денари, а во истиот период во 2023 година потрошиле 82 милијарди денари. За е-купување потрошиле близу 18 милијарди денари во 2024 година, а во 2023 година многу помалку – 14 милијарди денари. За споредба, во првите девет месеци од 2018 година, кога немаше ни пандемија ни инфлација, граѓаните на банкомат повлекле 96 милијарди денари, со картичка во трговија потрошиле 33 милијарди денари, а за онлајн нарачки потрошиле „само“ 2 милијарди денари.

    Ова значи дека за шест години, граѓаните ја зголемиле вредноста на плаќањата со картички кај трговците за безмалку три пати, а вредноста на онлајн нарачките за фантастични девет пати.

    Извор: Народна банка

    И странците во Македонија не останале поштедени од високите цени, па така и тие во континуитет ги зголемуваат трансакциите со своите картички издадени од банките од земјите од каде што доаѓаат. Секако, зголемениот износ на трансакции со странски картички во земјава може да се должи и на поголем број странски државјани.

    Извор: Народна банка

    Но, македонските граѓаните сѐ повеќе пари трошат и во странство. Особено во 2023 и 2024 година. За девет месеци во 2024 година за плаќања на ПОС-терминал потрошиле 16 милијарди денари, колку што потрошиле за цела 2022 година.

    Извор: Народна банка

    Исто така, македонските граѓани сѐ повеќе купуваат од странство и преку онлајн нарачки. Од јануари до септември за онлајн купување во странство платиле близу 13 милијарди денари. За цела 2023 година потрошиле 12 милијарди денари, а за цела 2022 година 9 милијарди денари. За споредба, во 2018 година, кога е-трговијата сѐ уште не беше широко достапна, потрошиле „само“ 5 милијарди денари.

    Извор: Народна банка

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично