Заклучно со третото тримесечје од 2020 година, Банката оствари добивка во висина од 14 милиони денари. Овој финансиски резултат е за 20 милиони денари подобар од резултатот остварен минатата година, но е за 43,7% понизок од планираниот за периодот.
На 30 септември 2020 година, вкупната актива/пасива на Банката бележи незначителна промена во однос на крајот од минатата година и остварување на поставениот план од 94,8%.
Вложувањата во државни записи бележат пораст со што позицијата вложувања во хартии од вредност е повисока во однос на истиот период претходната година за 34,2% и за 13,7% повисока од планот. Соодветно на тоа, Паричните средства и парични еквиваленти бележат пад од 40,4% и отстапување од планот за 32,3%.
До третото тримесечје на 2020 година, Банката бележи пораст на кредитната активност кај секторот население и опаѓање на истата кај нефинансиските друштва. Позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи пораст од 5,4% во однос на крајот од 2019 година. Оваа позиција порасна за 368.5 милиони денари. Во однос на поставениот план, позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи реализација од 96.8%.
Позицијата останати побарувања, бележи голем пораст и во однос на претходната година и во однос на поставениот план, што во основа се должи на евидентираната авансна исплата на пензиите во септември.
Позициите нематеријални средства и недвижности и опрема бележат пад во однос на крајот на минатата година, што се должи на континуираната амортизација на овие средства.
Позицијата депозити на други коминтенти остана стабилна и во третото тримесечје, при што планот е реализиран со 94%.
Преземените активности во доменот на управувањето со изворите на средства, доведоа до зголемување на расходите за камати за 1,3% во третото тримесечје во однос на истиот период минатата година. Остварените расходи за камати во третото тримесечје од 2020 година, во однос на планираните, се пониски за 6,4%.
Континуираниот раст на кредитна активност, особено во сегментот домаќинства, предизвика раст на позицијата приходи од камати од 1,1% во споредба со истиот период минатата година, односно подобрување за 3,3 милиони денари. Вкупниот план за оваа позиција бележи реализација од 92,4%.
Во текот на 2020 година, позицијата приходи од провизии бележеше одредено намалување, но во третото тримесечје, како резултат на привлечени нови клиенти во Банката, забележан е пораст на приходите од провизии за 5.6% во однос на истиот период претходната година или подобрување од 4,7 милиони денари. Тој пораст придонесе кон пораст на позицијата нето-приходи од провизии и надомести за 3,8% или 2,1 милиони денари, во однос на истиот период претходната година, додека планот е исполнет со 95,8%.
Во однос на позицијата трошоци за вработените, забележан е незначителен пораст од 0,7%. Планот е реализиран со 97,8%.
Позицијата останати расходи од дејноста бележи зголемување во однос на истиот период минатата година од 5,1%. Остварени се повисоки останати расходи од дејноста за 1,5% во однос на планот.
Останатите приходи од дејноста се пониски во однос на претходната 2019 година и во однос на планираните за периодот.
Заклучно со третото тримесечје на 2020 година, реализирани се повисоки нето–приходи од курсни разлики за 24,5% во однос на истиот период минатата година.
Расходите за амортизација бележат пад од 3,1% во однос на истиот период минатата година и незначително отстапуваат од планираните.
Заклучно со третото тримесечје од 2020 година, како резултат на задржаната стабилност и квалитет на кредитното портфолио, издвоена е исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од 13,1 милиони денари, односно забележано е подобрување на оваа позиција во износ од 24 милиони денари во однос на истиот период минатата година. Оваа позиција е за 64,7% пониска од истиот период минатата година и 37,7% пониска од планираната.
- Исплатени дивиденди
Во третото тримесечје на 2020 година, Банката не исплати дивиденда.
- Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата заклучно со 30.9.2020 година бележат незначително намалување од 2,6% во однос на минатата година, што во основа се должи на пресметаната амортизација на направените вложувања.
Заклучно со 30.9.2020 година, извршена е редовна замена на застарената ИТ-опрема, но направени се и вонредни вложувања во ИТ-опрема како последица на пандемијата.
- Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30%)
Обврските по кредити забележаа пад од 100% како резултат на целосно сервисирање на обврските по основ на долгорочни кредити. Во овој период, Банката нема нови кредитни линии.