Република Чешка и Република Словенија ќе ѝ испратат на Македонија помош за справување со активните пожари што беснеат во повеќе региони во државата. Чешка ќе испрати хеликоптер за гаснење пожари, додека од Словенија ќе пристигне тим од 50 словенечки пожарникари со специјализирана опрема , соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Пред малку добивме понуда за помош со еден голем хеликоптер од страна на Република Чешка, истата веднаш ја прифативме. Хеликоптерот утре наутро ќе полета и во текот на утрешниот ден ќе биде на скопскиот аеродром, а веднаш потоа ќе биде упатен онаму каде што ќе биде најпотребен. Исто така, во денешниот ден добивме понуда за помош од страна на Словенија, со 50 пожарникари со специјални возила за гаснење на шумски пожари, ја прифативме и оваа помош. Словенците ќе тргнат утре околу пладне, а утревечер доцна во ноќта ќе бидат пристигнати во Берово, каде што ќе бидат сместени и ќе дадат поддршка на беровските пожарникари и другите служби кои што учествуваат во гаснењето на големиот пожар на планината Готен од беровската страна“, соопшти изјави Ангелов.
Вкупно 20 пожари на отворен простор се регистрирани до 18 часот денеска. Од нив десет се активни, пет се ставени под контрола и пет изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во Општина Василево, Радовиш, Берово: село Нивичино – планина Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација), Општина Прилеп: село Бешиште – местo Бешишки Рид, крак према село Градешница (Опш. Новаци) и крак према граница со Р. Грција (мешана шума, не се интервенира поради детонации), Општина Прилеп и Кавадарци: помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен (Прилеп) и село Галиште, Трстеник (Кавадарци) (мешана шума и ниска вегетација), Општина Македонски Брод: село Црешево, Локвица, Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација), Општина Желино: помеѓу село Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума), Општина Крива Паланка: село Нерав (висока борова шума), Општина Македонска Каменица: село Ќосевица (борова шума), Општина Илинден: помеѓу Мршевци и Бучинци (стрниште), Општина. Чашка: село Ореше (ниска вегетација и букова шума) и Општина Ресен: село Долно Перово (евлови дрва, врби, трска и сува трева).
Под контрола се ставени пожарите во Општина Старо Нагоричане и Куманово во селата Облавце, Бељаковце, Довезенце, Руѓинце – се шири кон село Димонце и село Коњух (Општина Кратово) (ниска вегетација, загрозени куќи и објекти), Општина Македонски Брод: село Грешница (мешана шума и сува трева), Општина Штип: помеѓу село. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева), Општина Карбинци: село Јунузлија (шума), Општина Кичево: село Горно Црско (ниска вегетација и ниска шума).
Изгаснати се пожарите во Општина Охрид: село Г. Лакочереј (нива со жито и овоштарник), Општина Битола: улица „Игњат Атанасовски“ (ниска вегетација), Општина Василево: село Моноспитово (депонија), Општина Куманово: село Умин Дол (ниска вегетација) и Општина Петровец: Катланово – село Чифлик (ниска вегетација, грмушки и дабова шума).
КОЛКУ ЦЕЛОСНАТА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ ПОМОГНА ЗА ЗАШТИТА НА ШУМИТЕ?
И покрај зголемената појава на шумски пожари во периодов во нашата држава, надлежните сметаат дека мерките што се превземаат за заштита од огнената стихија, меѓу кои и донесената целосна забрана за движење во шумите и на шумско земјиште, е соодветна и носи резултати. Македонија е единствената држава во регионов која со години носи мерки на ограничено движење или целосна забрана за движење низ шумските појаси, но сепак секое лето стотици хектари шуми и други природни предели страдаат од уништувачки огнени стихии.
Планинарите и спортските здруженија и годинава реагираа дека забраната за движење низ шумите не ги носи саканите резултати бидејќи и натаму се случува масовно уништување на шумите и планинските предели. Тие бараат место замена, надлежните да ги вклучат во системот на превенција и заштита, односно да ги искористат капацитетите на планинарските друштва да патролираат и пријавуваат сомнителни движења и активности во шумските појаси.
Сепак, надлежните мислат поинаку. „Сметаме дека ваквата мерка е ОПРАВДАНА и има влијание врз ограничувањето на непотребното движење низ шумските предели, а со тоа и намалување на бројот на шумски пожари и на отворен простор, но и врз безбедноста по здравјето и животот на граѓаните, кои можат да бидат загрозени од овие огнени стихии, доколку се најдат во предели во кои ненадејно се појават пожари, кои поради големата количина на горлив материјал (сува трева, лисја, гранки и сл) и ветерот, се шират многу брзо и во непредвидлив правец“, вели Игор Стојановски, помошник-директор на ЈП Национални Шуми, во одговорот на новинарското прашање кое му го постави ПАРИ.
Според Стојановски, анализите за причините на пожарите во нашата држава недвосмислено укажуваат на „несовесно однесување на човечкиот фактор, како главен причинител во предизвикување на овие пожари. За ваквите дејанија, се почесто сме сведоци од информациите изнесени од страна на надлежните институции во јавноста, преку социјалните мрежи и средствата за јавно информирање. За овие случаи, се поднесуваат соодветни пријави до надлежните институции, а по завршување на постапките се надевам дека јавноста ќе има попрецизни информации околу мотивите и причините за ваквите дејанија од човечкиот фактор“, истакна Стојановски во својот допис.
„Мерката за забрана на движење во шума претставува важна превентивна мерка која има свое оправдување. Целосната забрана за движење во шумите од 1 јули до 31 август 2025 е донесена во период на екстремно висок ризик од пожари поради неповолните климатски услови“.
Дека забраната за движење е оправдана како мерка за превенција од пожари и натаму е ставот и на ресорното Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство. „Сметаме дека мерката е целосно оправдана од следните причини: мерката има превентивен карактер; забраната го намалува ризикот од случајни или намерни предизвикани пожари и друга човечка активност, заштита на животи; ја намалува изложеноста на граѓаните на потенцијални опасности во шумите; олеснување на работата на службите; овозможува фокусирана и поефикасна работа на противпожарните служби без дополнителни ризици од присуство на граѓани и концентрација на ресурси; ги насочува напорите кон други извори на пожари и подобрува општата безбедност“, велат од Министерството.
Југослава Дуковска