ПОВЕЌЕ

    Централна коопертивна банка со мал раст на кредитите, но поголеми приходи од каматите

    Време зa читање: 3 минути

    Централна кооперативна банка во првото тримесечје оствари финансиски резултат за 66,6 проценти подобар од истиот период лани. Изразено во бројки, добивката е 16,7 милиони денари или нешто повеќе од 271 илјада евра.

    При функционирањето во актуелните околности присутни на домашно и светско ниво, ЦКБ забележала пад на вкупната актива/пасива од 1,88 отсто и остварување на поставениот план од 97 проценти.

    Исто така, во првите сто дена е евидентиран мал пораст на кредитите и побарувањата од други комитенти, конкретно за 0,7 насто во однос на крајот од 2022 година. А, во најголем дел тоа е остварено со одобрување кредити на физички лица.

    Паричните средства и паричните еквиваленти се намалени за 13,4 отсто, а вложувањата во хартии од вредност се незначително пониски во однос на крајот на претходната година.

    Состојбата кај останатите побарувања е речиси на истото ниво како и на крајот од 2022 година, а поголема во однос на планот за 6,6 проценти.

    И депозитите на други коминтенти бележат опаѓање за 2,3 отсто. Од ЦКБ појаснуваат дека причина за тоа е пренасочувањето на депозитната база на правни лица кон вложувања во државни обврзници, во услови на пораст на каматните стапки.

    Од друга страна, Банката оствари повисоки вкупни приходи од камати за 7,4 насто во споредба со истиот период од минатата година. Притоа, го одржува стабилно портфолиото и квалитетот на постојните кредити.

    Паралелно со тоа, забележан е и пораст на приходите од провизии – за 11,2 насто. Тоа придонело за зголемување во сегментот нето-приходи од провизии и надомести за 15,9 проценти во однос на ланскиот споредбен период. Останатите приходи, пак, се на ниво на планираните, но се речиси двојно повисоки во однос на првото тримесечје од 2022 година. А, и нето-приходите од курсни разлики со зголемување од 4,5 насто се речиси удвоени.

    Што се однесува до трошоците, кај тие за вработените има значителен пораст, но сепак не ги надминува предвидените пргови. Останатите расходи бележат пораст од 11 насто.

    Од ЦКБ најавуваат дека ќе продолжат со континуираните напори за остварување на планираните позиции од деловниот план, но без притоа да се компромитира високото ниво на квалитет на кредитното портфолио. Зголемената продуктна и ценовна конкурентност, пред сè, ќе оди во насока на заштита и задржување на клиентите, а ќе се користи секоја пазарна можност за бележење нови аквизиции и пораст. Затоа и понатаму ќе развиваат и усовршуваат и алтернативните канали за дистрибуција и зголемување на достапноста на услугите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично