ПОВЕЌЕ

    ЦЕНОВНА СТАБИЛНОСТ НА СТРУЈАТА И ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД 2025 – 62 евра за еден мегаватчас

    Време зa читање: 2 минути

    ЕВН Хоме ќе ја набавува електричната енергија за регулираниот пазар – односно за домаќинствата и малите потрошувачи – по иста цена како и досега, за периодот јули–декември 2025 година.

    Според соопштението од универзалниот снабдувач, АД ЕСМ ќе ја обезбеди целокупната потребна количина електрична енергија по цена од 62 евра за еден мегаватчас, што е идентично со цената што се применуваше и во претходниот период.

    ЕВН Хоме, согласно законските одредби и под целосен надзор на Регулаторната комисија за енергетика, ќе ја пресмета крајната цена на струјата според однапред утврдени влезни параметри и постоечката методологија.

    Според најавите, нема очекувања за промени во фактурираната цена кон крајните потрошувачи. Во пресметката, покрај цената на енергијата од ЕСМ, се вклучени и трошоците за услугите на преносниот оператор МЕПСО, пазарниот оператор МЕМО, како и операторот на дистрибутивната мрежа – ЕВН Електродистрибуција.

    Цената од 62 евра за мегават-час важи како референтна во процесот на формирање на тарифите за крајните корисници, пред сè за домаќинствата и малите фирми кои се на регулираниот пазар. ЕСМ како снабдувач од јавен интерес, со оваа ниска производна цена, има клучна улога во одржувањето на стабилни и социјално прифатливи цени на електричната енергија.

    Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) потсети дека од пред година и половина, според новата динамика на регулаторниот календар, трошоците за пренос и дистрибуција на електрична енергија – компоненти што исто така се вградуваат во конечната цена за корисниците – се пресметуваат во ноември и декември. Ова овозможува појасна слика за целокупната структура на цената, што пак е услов за определување на цената на универзалниот снабдувач.

    Претходно на прашањето дали се очекуваат промени во цената на струјата за граѓаните, Бислимоски одговори дека не гледа простор за поскапување во следниот период.

    „Јас не очекувам дека ќе има промена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи“, посочи тој, наведувајќи дека, и покрај зголемените трошоци за производство, досега системот успеал да ја одржи стабилноста на цените.

    Тој подвлече дека одредено влијание врз производната цена на електричната енергија има увозот на јаглен, на кој ЕСМ сè повеќе се потпира во последниве години за да го одржи континуитетот на производството, особено во периоди со намалена домашна продукција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично